Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска изврши увид во напредокот на реконструктивниот зафат во еден од објектите на Заводот за рехабилитација на деца и младинци – Скопје. Градежните работи и опремувањето, започнати во септември, се одвиваат со планираната динамика и ќе завршат до крајот на годинава, кога во реноновираните простории ќе започне со работа нов дневен центар за деца и млади со интелектуална попреченост на возраст помеѓу 14 и 26 години. Капацитетот на дневниот центар ќе биде 25 корисници.
Во изминатите неколку години, во заводот функционира дневен центар што обезбедува стручна поддршка и дневно згрижување за триесетина деца, млади и возрасни со интелектуална попреченост. Отворањето на вториот дневен центар ќе овозможи подобри просторни услови за стручна, индивидуална и групна, работа со корисниците, согласно нивната возраст и лични потреби. Со тоа, Министерството излезе во пресрет на барањата и потребите на семејствата на децата со попреченост од Скопје и околината.
Министерката Шахпаска оствари средба со директорот и раководството на институцијата, на која беа утврдени приоритетите за трансформација на институцијата на среден рок. Ќе биде зајакнат капацитетот на институцијата за современа професионална рехабилитација на младите и лицата со интелектуална попреченост. Корисниците кои се сместени во заводот во наредните две години ќе бидат згрижени во групни домови со поддршка во заедницата.
Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да работи на целосно спроведување на деинституционализацијата, што ќе води до поквалитетни социјални услуги во нашата држава согласно потребите на граѓаните.