Косово ќе ја забрани употребата на 5Г-уреди набавени од недоверливи продавачи, а таму каде што е можно веќе да има такви уреди надлежните институции ќе се ангажираат за нивно отстранување, јави дописникот на МИА од Приштина.
Оваа одлука, според соопштението од владината служба за информирање, на претставниците на Регулаторниот авторитет за електронски и поштенски комуникации (АРКЕП) денеска им ја соопшти премиерот Авдулах Хоти.
Приштинските медиуми наведуваат дека со ова Косово ја исполнува обврската преземена од последниот договор за економска нормализација со Србија, потпишан на 4 септември во Вашингтон, со кој, меѓу другото, двете земји се согласија да не купуваат 5Г-опрема од недоверливи дилери.