С.Македонија позитивно се издвојува од останатите земји од Западен Балкан според извештајот на Европската комисија. Сепак, потребно е Собранието да ја преземе улогата на клучна институција за политички дијалог, граѓанско општество да се вклучи во пристапни преговори, но и да се зајакнат капацитетите на целокупниот систем за борба против корупција.
Според трите невладини организации важно е итно зајакнување на капацитетите на целокупниот систем за борба против корупција, инвестирање во ДКСК, Јавното обвинителство и истражните центри, судството, како и активна улога на Собранието, но и силна политичка посветеност кај сите чинители.
-Во наредниот период потребно е институциите да работат фокусирано на најранливите области и на случаи кои покрај вклученост на функционери, предизвикуваат и најголеми штети и предизвикуваат несигурност во правдата и институциите, се наведува во документот.
Што се однесува до Зелениот договор, извештајот ја наведува потребата за попосветена и синхронизирана акција од страна на надлежните институции во заштитата на животната средина. Проблемите со аерозагадувањето, уништувањето на водните текови и природата и нерегулираното постапување со отпадот се само неколку од горливите проблеми во ова поглавје, кое и покрај неговата голема важност, континуирано не го добива потребното внимание и финансиска поткрепа.
Во коментарот се наведува дека фокусот на среден и долг рок треба да се стави на праведната транзиција на регионите зависни од јаглен, декарбонизација во сите сектори, дигитализација на системот и градење на економија во склад со природата, базирана на екосистемски услуги. Во таа смисла, посочуваат дека инвестициите во циркуларната економија, алтернативната енергија и одржливиот рурален развој и земјоделието, се неопходни за постигнување на овие цели.