Нема по секоја цена да останат отворени градинките, доколку бројот на позитивни случаи од корионавирусот се зголемува во земјава, порача денеска од Штип, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Посочи дека од 9 септември, па до денес состојбата во градинките се следи на дневна основа, а одлуките ги донесуваат заедно со Комисијата за заразни болести и Владата.
-Мојата последна реченица беше не по секоја цена ќе ги чуваме отворени градинките, ако видиме дека бројот на позитивни случаи се зголемува во земјава. Здравствената состојба на 15 дечиња, кои беа позитивни од денот на отварање на градинките 9 септември, а и на 45 вработени заклучно до 15 октомври, говори дека состојбата се уште е под контрола. Дечињата инфекцијата не ја стекнале во градинките, за тоа говорат епидемиолозите, бидејќи во нивните семејства бил присутен вирусот, изјави Шахпаска.
Таа истакна дека здравствената состојба на вработените во градинките, кои се зарзени е добра, а голем дел од нив веќе се излекувани и се вратени на работните места. Прашана за сотојбата во градинката „Росица” во Скопје, Шахпаска одговори дека 44 деца се ставени во изолација, а оваа одлука е донесена од страна на епидемиолошките служби.