Со средства во висина од 6,9 милиони денари се врши доградба на Домот за стари лица „д-р Иван Влашки” во Берово.
Увид во градежните работи денеска изврши министерот за локална самоуправа Горан Милевски кој информираше дека во рамки на активностите ќе се инвестираат дополнителни 400 илјади денари од општината со цел уредување на внатрешните простории, кои ќе бидат проширени и подготвени да примат десет нови корисници.
-Со реализација на оваа активност практично ќе излезе дека целосно го обновуваме овој објект, со кој ќе добиеме пет нови соби, по двајца нови станари внатре, односно ќе го зголемиме капацитетот за десет нови станари, кои ќе го користат услугите на овој старски дом. Со ова покажуваме дека ние се грижиме од најмладите, градејки детски игралишта и забавни паркови, па се до овие старски домови, што ќе ги користат навистина оние кои цел живот работеле за нас сега општеството треба да им врати и да води сметка за нив, рече Милевски.
Тој изрази задоволство од соработката со Општина Берово и надеж дека во втората фаза од проектот ќе се реализираат уште многу вакви проекти.
Мирјана Македонска од Швајцарската амбасада во Македонија додаде дека ова е шеста година по ред како амбасадата вложува во проектите за рамнимерен регионален развој.
-Во рамките на проектите во различните региони инвестираме во унапредување на економијата и стоипанството, меѓутоа една од работите која е исклучително важна за нас како претставници на Швајцарија е и социјалната инклузија, како и вклученоста на маргинализираните групи и другите групи во секој сегмент од општественото живеење. Токму затоа во Источниот плански регион годинава, грантот кој што беше доделен е доделен за реновирање и проширување на капацитетите на Домот за стари лица во Берово. Она што е од особена важност е дека проектот е избран на партиципативен начин, уште една вредност на Швајцарија во реализирањето на овие проекти кој имено беше одбран од граѓаните на Источно-планксиот регион, истакна Македонска.
Проширувањето на капацитетите на Домот за стари лица што е единствена установа од ваков вид во овој регион како што додаде градоначалникот Звонко Пекевски ќе значи огромен придонес за што поголем број граѓани да го почувствуваат бенефитот од неговат реализација.
-Задоволството е голема кога крајните корисници имаат квалитетна и добра услуга која се состои во обезбедување на грижа, хигиена, храна и медицинска помош која им се нуди на корисниците на Домот. Се заблагодарувам до проектниот одбор кој ја препозна сериозноста на овој проект и на сите учесници во Регионалниот форум во заедницата преку кој се реализираше проектот, рече Пекевски.
Во Берово досега услугите во домот за стари лица ги користеа 29 лица од кои најмногу од околните градови, Делчево, Берово и Пехчево.