Армијата на Република Северна Македонија како членка на НАТО во прва мисија во Косово

Армијата на Република Северна Македонија како 30-та земја членка на НАТО од денеска, првпат директно, со 44 нејзини припадници, ќе учествува во мисијата КФОР во Косово. Првата ротација е составена од штабни офицери и вод за обезбедување, кои ќе бидат распоредени во главната команда на мисијата и командата „Запад”.

Со присуство на највисокиот воен и државен врв во касарната „Илинден” во Скопје, ќе се реализира воена свеченост по повод упатувањето на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија во мисија на КФОР.

Од АРМ соопштија дека пред упатувањето во оваа мисија припадниците на Армијата поминале низ потребниот процес на обука, подготовки и селекција каде се извежбувале и обучувале за изведување на задачи кои ги очекуваат за време на мисијата.

– Припадниците на Армијата својата подготвеност, интероперативност и способност за извршување на најтешки задачи, веќе ги имаат докажано во досегашното 18 годишно учество во мировните мисии Исаф и Одлучна поддршка во Авганистан и мисиите Слобода за Ирак, Алтеа во Босна и Херцеговина и Унифил во Либан, информираа од АРМ.

Армијата на Република Северна Македонија како 30-та земја членка на НАТО  првпат директно учествува во мисијата КФОР, а во досегашниот период учествуваше посредно преку обезбедување на логистичка поддршка за НАТО преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој вршеше координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување.

Активноста ќе се реализира во согласност со протоколите и преораките на Комисијата за заштита од заразни болести за бројот на учесниците, здравствено-безбедната организација и движењето, со обезбедено растојание и заштита.

Треба да знаете
Последни објави