Занаетчијата Асан Канзоски е единствениот кондураџија кој остана активно да работи во Кичево, да пркоси на одумирањето на чевларскиот занает и воопшто на занаетчиството во градот. Канзоски е на возраст од 57 години, во Кичево цели 39 години го работи овој занает, а во последните 20 години е самостоен чевлар – мајстор за поправка на оштетени обувки.
-Во 1981 почнав да работам како чирак каде го изучив чевларскиот занает. Сепак, во 2000 година одлучив да бидам самостен чевлар со свој дуќан во Кичево и тоа на истиот дуќан на улица “Охридска” до самата стара градска чаршија во Кичево, вели единствениот мајстор за поправка на чевли во Кичево.
Во речиси четиридеценскиот работен век, Канзоски во својата мала работилница ги собрал сите стари и неопоходни машини за шиење кожа и поправка на ѓонови, како и други потребни алатки.
Во простор четри на четири квадрати успеал да смести неколку машини за крпење секаков вид обувки. Ги има речиси сите потребни од разни марки, како и оние старите уникатни и универзални машини за шиење дебели штофови и разни кожи за обувки.
-Располагам со потребниот материјал за замена на оштетените подметки и со квалитетен лепак за нивно зацврстување на чевлите. Замена на флекници или лепење скинати ременчиња денес никој не работи во Кичево. Јас им излегувам во пресрет на луѓето кои не можат во секо време да си купат нови обувки. Треба да се истакне дека младите денес избегнуваат да поправаат чевли, вели Канзоски.
Кичево има околу 60 000 жители, но сепак, иако е единствен чевлар, се случувало по цели денови да нема муштерии во дуќанот на Канзоски. Како кај секој занаетчија, така и кај него во секое време има по некој пријател на муабет, но особено оваа година поради пандемијата работата целосно е намалена.
-Моите деца не беа заинтересирани за овој занает заминаа надвор од земјата и јас уште некое време ќе се трудам и ако не оди неминовно ќе биде и јас да се повлечам од овој занает. И државата треба да ги помогне овие занаети да опстојат, но сега за сега имаме само давачки, вели Асаноски.
Занаетчиството изумира полека во Кичево, има само тројца стари шивачи, еден казанџија, еден ковач како и еден јажар, за други специфични занаети и да не зборуваме, одамна ги нема во Кичево.