Успешно се спроведува проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во Европскиот систем на централни банки”, финансиран од Европската Унија. Одржана презентација на експерти од Банката на Литванија.
Развивањето на платните системи, создавањето простор за унапредување и развивање на пазарот на платежни услуги и поддршката на примената на нови иновативни технологии во финансискиот сектор се дел од приоритетите на Народната банка. На нив се фокусирани и значителен дел од активностите во рамките на твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во Европскиот систем на централни банки”, финансиран од Европската Унија.
Во рамките на овој проект, Народната банка активно соработува и со Банката на Литванија, со којашто е направено и согледување на нашето досегашно искуство во оваа сфера, досегашната соработка со финтек-компаниите и на постојната регулаторна рамка, како и на очекуваните промени во сферата на плаќањата во контекст на претстојното спроведување на концептот на отвореното банкарство.
На 15 октомври 2020 година, како дел од проектот беше организиран настан во виртуелен формат на којшто посебно внимание му беше посветено на искуството на Банката на Литванија како поддржувач на финтек-секторот. Притоа, посебен акцент беше ставен на платформата во Литванија за комуникација помеѓу иновативната бизнис-заедница, централната банка и другите релевантни институции, каква што е и Портата за иновации којашто Народната банка ја отвори кон крајот на минатата година. Искуството покажува дека ваквите платформи се многу важни за поставување соодветна регулаторна рамка којашто ќе поддржува иновативни решенија, притоа водејќи сметка за потенцијалните ризици.
Имајќи ги предвид промените коишто ги предвидува новиот Закон за платежни услуги и платни системи, на којшто Народната банка работи заедно со Министерството за финансии, во презентацијата посебно беше истакнат литванскиот платежен пејзаж и активностите на платежните институции, институциите за електронски пари и новите финтек-компании. Во овој контекст, се разгледаа можностите, но и предизвиците со коишто се соочуваат земјите при воведувањето на ваквиот пристап во областа на платежните услуги и системи. Инаку, носењето и спроведувањето на новата регулатива кај нас ќе придонесе за транспонирање на најновото европско законодавство во оваа област и создавање услови за значајни промени во прилог на дигитална трансформација и поголема конкуренција.
Одделно беа презентирани и искуствата во сферата на заштитата на потрошувачите, што беше од посебно значење за експертите од нашата земја, имајќи предвид дека Народната банка сѐ повеќе ги зголемува своите активности во овој домен. За таа цел неодамна е формирана и посебна работна група којашто треба да изготви и предлог-рамка на активностите во сферата на заштитата на потрошувачите, при што ќе бидат земени предвид и искуствата посочени во оваа презентација.
Презентацијата беше мошне корисна и во контекст на подготовката на Стратегијата за примена на финансиски технологии, којашто е дел од Програмата на Народната банка.
Имајќи ја предвид потребата од координирано дејствување во натамошните чекори за поддршка на домашниот финтек-сектор, на настанот, покрај експертите од Народната банка, беа поканети и претставници на деловните банки, штедилниците, Македонската банкарска асоцијација, како и претставници на повеќе институции и професори и студенти од економските и правните факултети во земјата.
Инаку, твининг–проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во Европскиот систем на централни банки”, покрај на платежните услуги и системи, е фокусиран и на статистиката на финансиските сметки, активности во сферата на регулативата и супервизијата на банките и на истражувачки активности за анализа на политиките.
Во спроведувањето на проектните активности, партнери на Народната банка се централните банки на Германија и Хрватска, а во дел од активностите покрај експерти од централната банка на Литванија, вклучени се и експерти од централните банки на Белгија, Португалија, Романија, Холандија, Словачка и Грција.