Во Вевчани се гради првата безбедна патека за алпинистичко искачување на карпа со помагала, наречена „Виа ферата”.
Карпата се наоѓа на еден километар од Вевчанските извори. На неа се поставува фиксна сајла со безбедни клинови, а на потешките делови и скали.
Антонио Додески од Алпинистичкиот клуб „Патагонија”, кој е носител на проектот информира дека ферата ќе биде во должина од 230 метри, од кои 140 ќе бидат чиста вертикала, а останатите делови се експонирани гребени. Според него, „Виа ферата” за турситите ќе биде достапна за околу три месеци.
– Фератата е одлична можност и начин за секој што сака да го доживее искачувањето на карпи без да има претходни технички познавања. За оние кои не се чуствуваат подготвени самостојно да го изведат качувањето на услуга ќе стојат и нашите членови од алпинистички клуб „Патагонија”, кои се водичи и со дополнително осигурување, односно со јаже да ги водат оние кои се помалку исплашени, истакна Додески.
Тој најави дека ќе биде набавена опрема, која клубот ќе ја изнајмува, бидејки за искачување потребен е виа ферата сет, односно алпинистички појас и кацига.
Проектот го реализира алпинистичкиот клуб „Патагонија, во соработка со Општина Вевчани и планинарското друштво „Црн камен”.
– Деновиве присуствувавме на мапирање на првата „Виа ферата” во Македонија. Мапирањето го вршеа искусни алпинисти од спасителната горска служба од Охрид. Ова ќе биде пионерски потфат и збогатување на туристичката понуда на Вевчани, вели градоначалникот Сашо Јанкоски.
Изградбата на првата ваква патека е дел од проектот „Хајс кардус трел” кој преку планински патеки ги поврзува Македонија, Косово и Албанија, а ќе биде финансиран од Германско друштво за интернационална соработка.