Првиот комерцијален патнички лет кон Израел на авиопревозник од Обединетите Арапски Емирати слета денеска во близина на Тел Авив, што уште повеќе го зацврсти договорот за нормализација меѓу двете земји.
Летот број 9607 на „Етихад ервејс“ слета на меѓународниот аеродром „Бен-Гурион“ во Израел нешто по 7 часот наутро. Боингот 787 „дримлајнер“ се врати кон Абу Даби подоцна утрово со израелската делегација за патување и туризам, се вели во соопштението на „Етихад“.
„Етихад“ соопшти дека планира редовни патнички летови меѓу двете земји во иднина и дека отвора веб-страница на хебрејески јазик.
„Етихад“ претходно испрати во Тел Авив необележан товарен авион кој леташе со помош за да им помогне на Палестинците во борбата против коронавирусот. Во август, авион „Ел Ал“ украсен со Ѕвездата на Давид, полета од Израел кон Абу Даби, носејќи висока американска и израелска делегација во првиот директен комерцијален патнички лет меѓу двете земји.
Израел и ОАЕ во август објавија дека се согласиле за нормализирање на односите, поттикнувајќи голем број деловни, банкарски и меѓувладини договори, заедно со ставањето крај на долгогодишниот бојкот на ОАЕ кон Израел.
И блиската заливска монархија Бахреин потпиша договор на 15 септември во Белата куќа заедно со ОАЕ за нормализирање на односите со Израел. ОАЕ и Бахреин се третата и четвртата арапска држава што воспоставија односи со Израел.