Здравствената состојба во Белгија продолжува да се влошува, откако оваа недела е регистриран пораст за 89 отсто на бројот на починати од Ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.
Институтот за јавно здравје на Белгија на редовната прес-конференција соопшти дека моментално се хоспитализирани 2.485 пациенти поради коронавирусот, од кои 412 се на интензивна нега.
Ова е речиси истата состојба како и кон крајот на март годинава.
Регистрирани се 21 нов смртен случај. Помеѓу 9 и 15 октомври имало 30 починати дневно, претходната недела оваа бројка изнесуваше 16, што претставува зголемување од 89 отсто.
Загрижува фатот што во текот на изминатиов викенд се хоспитализирани 257 нови случаи, што е невообичаено за викенд, кога традиционално се регистрираат ниски бројки. За три недели бројот на нови хоспитализирани пациенти е зголемен за седум пати.
Според Институтот за јавно здравје, бројот на новозаболени во изминатите 24 часа изнесува повеќе од девет илјади, но реално се веројатно повеќе, со оглед на тоа дека центрите за тестирање се преоптоварени и доцнат со резултатите.