– Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека на Владата на утрешната седница ќе и предложи сите економски оператори да работат до 23 часот, јавен превоз да биде исполнет 50 отсто, во администрацијата, општините и судовите, секаде каде што тоа е можно, работниот процес да се одвива во смени или онлајн од дома или редуцирано по систем на ротации.
– Ова е последниот чекор пред воведување на полициски час, изјави Филипче презентирајќи ја двонеделната анализа за состојбата со Ковид-19.
Овие мерки ќе бидат дополнение на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, што веќе е доставен во Собранието. Со него се предвидуваше носење маска на отворено, ограничување на групирањето по 22 часот и ограничување на бројот на лица на семејни собири. Овие мерки би стапиле во сила до крајот на неделата.
Вирусот е многу проширен насекаде, рече Филипче, истакнувајќи дека значително се зголемува бројот на заболени, а болниците се исполнуваат.
Тој им порача на граѓаните дека ситуацијата е навистина сериозна, дека следен чекор би бил целосно ограничување на движењето односно полициски час.
– Да смогнеме сили сите, затоа што ова е начинот, истакна Филипче, посочувајќи дека бројот на заболени се зголемува и во регионот и насекаде во Европа.