Вљубениците во велосипедизмот, ролерите и скејтбордите од денеска можат да го користат новиот памптрак полигон во вториот дел од Градскиот парк, во непосредна близина на просториите на ЈП „Паркови и зеленило“ и Сточарскиот институт. Ова е втор памптрак изграден во Скопје, првата ваква адреналинска патека лани беше оформена на просторот пред Олимпискиот базен.
-Овој проект е изработен во соработка со долгогодишниот партнер на Градот Скопје во развојот на велосипедизмот и алтернативниот начин на движење – Стопанска банка АД Скопје. Сакам да упатам голема благодарност до Стопанска банка за целокупниот ангажман што го имаше досега, таа е сериозен партнер на кој може да се потпре Градот Скопје. Во овие тешки времиња соработката меѓу општествено одговорните компании и институциите може да даде квалитет во уредувањето на отворениот простор каде што граѓаните ќе можат безбедно да се движат, да се рекреираат и да се дружат – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на отворањето на велодромот во Градскиот парк.
Новиот памптрак полигон зафаќа површина од над 700 квадратни метри и е наменет за деца и возрасни од различни возрасти. Градот Скопје преку своите јавни претпријатија се погрижи овој простор да добие соодветно осветлување, хортикултурно уредување и фонтана за вода. Со цел овој простор да биде попристапен за граѓаните целосно беше реконструиран и големиот паркинг во непосредна близина.
Претседателот на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје, Диомидис Николетопулос, денеска изрази задоволство што брендот Стопанска банка АД – Скопје се повеќе станува синоним за соработка со заедницата, инвестирање во подобра животна средина и граѓанска активност.