Во Белгија баровите и рестораните од денес се затворени еден месец, а ноќниот полициски час ќе стапи на сила од вечерва.
Здравствените власти предупредуваат на можно „цунами“ на нови случаи на коронавирус во земјата.
Целта на новите мерки е да се ограничат социјалните интеракции со цел да се забави експоненцијалниот раст на инфекцијата во земјата со 11,5 милиони жители. Поради огромното зголемување на новите инфекции, неколку болници веќе мораа да ги одложат операциите што не се неопходни за да лекуваат случаи на Ковид-19.
„Навистина сме многу близу до цунами“, изјави министерот за здравство, Френк Ванденбруке, за телевизијата РТЛ.
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, во Белгија во последните 14 дена се евидентирани над 700 инфекции на 100.000 луѓе, што е втора најлоша бројка во Европа по Чешка, која имаше 828 инфекции на 100.000 луѓе.
Портпаролот на кризниот центар за Ковид-19, Ив ван Летем, изјави дека во просек се регистрирани нови 7.876 случаи на ден во последните седум дена, што е зголемување за 79 проценти во однос на претходната недела. Тој рече дека епидемиолошката состојба може да биде уште полоша со оглед на одложеното пристигнување на резултатите од тестовите.
Во борбата против ширењето на инфекцијата, во Белгија ќе се воведе полициски час од денес на полноќ до 5 часот наутро, најмалку еден месец. Продажбата на алкохол ќе биде забранета по 20 часот, а бројот на луѓе кои жителите можат да ги сретнат надвор од своето домаќинство ќе се намали од три на едно лице, за целиот месец.
На луѓето им е наложено да работат од дома секогаш кога е можно. Илјадници студенти беа погодени откако неколку универзитети побараа да биде заземено само едно од пет места во салите за над 50 лица.