Алијев: Азербејџанската армија ослободи уште 13 села од ерменска окупација

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, соопшти дека азербејџанската Армија ослободила уште 13 села на округот Џебраил од окупацијата на Ерменија, пренесува „Анадолија“.

Во изјавата објавена на неговиот профил на Твитер, Алијев наведе дека ерменската армија започнала силен артилериски оган врз азербејџанските цивилни населби и позиции, со што го прекршила привремениот хуманитарен прекин на огнот, што стапи на сила на 18 октомври.

„Вооружените сили на Ерменија бесрамно го прекршија договорениот хуманитарен режим на прекин на огнот и заклучно со 00:02 часот на 18 октомври, користеа тешка артилерија за да пукаат во станбените области и кон борбените позиции на Азербејџан“, напиша Алијев.

Истакнувајќи дека во нападот имало загинати и повредени, Алијев рече дека азербејџанската Армија возвратила на нападот и дека неколку населени места ги ослободила од окупацијата.

Алијев во објавата, исто така, напиша: „Селата Солтанли, Емирварли, Хасанли, Аликејханли, Кумлак, Хаџили, Гојерчинвесели, Нијазѓулар, Кечел Мемедли, Шахвели, Хаџи Исмаијили и Исакли од азербејџанскиот округ Џебраил се ослободени од окупацијата. Карабах е на Азербејџан.“

Прекинот на огнот – втор по непријателствата околу Нагорно Карабах кои почнаа на 27 септември – беше објавен во саботата и стапи на сила на полноќ.

Договорот меѓу Баку и Ереван беше постигнат откако претходниот хуманитарен прекин на огнот од 10 октомври – со цел да се овозможи размена на затвореници и враќање на мртвите тела – беше прекршен неколку часа подоцна со напади на ерменските ракети врз азербејџанскиот град Гања, во кои загинаа 10 лица и беа повредени 35.

Односите меѓу двете поранешни советски републики се напнати од 1991 година кога ерменската војска го окупираше Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан. Околу 20 отсто од територијата на Азербејџан е под нелегална ерменска окупација речиси три децении.

Групата Минск на ОБСЕ – ко-претседавана од Франција, Русија и САД – беше формирана во 1992 година за да се најде мирно решение за конфликтот, но без резултат. Меѓутоа, во 1994 година беше договорено примирје. Повеќе резолуции на ОН како и меѓународните организации бараат повлекување на окупаторските сили.

Светските сили вклучително Русија, Франција и САД повикаа на нов прекин на огнот. Во меѓувреме, Турција го поддржа правото на Баку за самоодбрана и побара повлекување на силите на Ерменија.

 

Треба да знаете
Последни објави