Македонскиот јазик денес е признат во целиот свет и неговата посебност е впишана во личната карта на нашата држава, во големото семејство на народи и на земји членки на ОН. Како рамноправен со сите светски јазици, се користи слободно секаде низ целиот свет, рече премиерот Зоран Заев денеска во Институтот „Крсте Мисирков” на отворањето на меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања (дома и надвор)” и порача дека со валвите конференции се испраќа силна порака за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на македонскиот јазик.
Нагласи дека Владата е посветена да го негува и да го унапредува и затоа го прогласи 5 Мај за Ден на македонскиот јазик, Правописот го направи достапен за сите со одлуката да се објави во електронска форма, почна и иницијатива за измени и дополнување на Законот за употребата на македонскиот јазик, а продолжува да ја поддржува и издавачката дејност на Институтот, како и продукцијата на голем број книжевни дела преку Министерството за култура.
Сите тие дела се алатки, рече Заев, кои овозможуваат јазикот да се користи секојдневно и правилно и да се продолжува неговиот живот, нагласувајќи дека тоа треба да го прави секој од нас затоа што јазикот сме сите ние.
-Сè дури постои македонскиот јазик, ќе постојат и Македонците. Сè дури постојат Македонците, ќе постои и македонскиот јазик. Тие две нешта не можат едно без друго, затоа што тие постоеле, постојат и ќе постојат во убавата и нераскинлива симбиоза. Тоа е јазикот на книжевниците кои оставаат печат на своето творештво, тоа е јазикот на кој се школувале генерации успешни академици, доктори, инженери, новинари, културни работници и сите останати. Тоа е јазикот кој се изучувал на 30-ина универзитети низ целиот свет и денеска продолжува да се изучува. И конечно, тоа е и мојот јазик, јазикот на мојата мајка, учителка во пензија, која целиот свој работен век образуваше и воспитуваше огромен број ученици. Тоа е јазикот со кој живееме, со кој се сакаме и со кој споделуваме добро и зло, се радуваме и тагуваме, истакна Заев.
Јазикот е жива материја и наш приоритет останува, додаде премиерот, поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како постојан влог во нашиот национален и културен идентитет во иднина.
Во годината кога се одбележуваат 75 години од кодификацијата на современиот македонски јазик и придонесот на Блаже Конески, не смееме, рече тој, да заборавиме и на Крсте Петков Мисирков и на сите преродбеници кои многу одамна се бореа македонскиот јазик да добие своја стандардизација и кодификација.
Посочи и дека во чест на Конески идната година, по повод век од неговото раѓање. датумот на неговото раѓање е впишан и на Листата на УНЕСКО за одбележување значајни јубилеи во светот во текот на 2021 година.
Директорката Елена Јованова-Грујовска додели благодарници за морална и финансиска поддршка на Институтот и ги соопшти активностите од минатогодишните до годинашните Отворени денови во чии рамки беше и денешната конференција. Рече дека по 11 години добиле покачување на платите и средства за минат труд, лаптопи со кои можат да работат онлајн, за една година објавиле 16 изданија, меѓу кои и обемниот зборник „Погледи за македонскиот јазик”, а од септември до сега организирале три конференции.
Очекува за идната година електронско издание на Толковниот речник и дека во буџетот за 2021 година ќе бидат обезбедени средства за 15 вработувања во Институтот за македонски јазик, а најмалку уште толку, рече таа, и за другите национални институти.
– Во моментов МОН интензивно работи на законско решение за нашите колеги на кои им треба уште извесно време за завршување на докторатите. Со продолжување на рокот за уште пет години, Министерството покажува грижа за научниот кадар во сите фази од развојот. Солидарни сме со колегите и искажуваме молба до министерката и премиерот за поскоро решавање на проблемот за да можеме сите да земеме плата. Останува уште повторното финансирање на проектите што е замрено веќе десет години, рече Јованова-Грујовска во поздравното обраќање.
Претседателката на Организацискиот одбор на дводневната меѓународна конференција Лидија Тантуровска соопшти дека ќе имаат 37 учесници денеска и уште 15 утре, а од нивните реферати ќе биде објавен зборник. Беше промовиран зборник со 39 реферати од минатогдишните, четврти Отворени денови на Институтот.