Портпаролот на Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, призна дека таа ја напуштила Белгија откако одлучила да се самоизолира поради контакт со позитивен на Ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.
Фон дер Лајен минатиот четврток го напушти европскиот самит што се одржуваше во Брисел откако дозна дека била во близок контакт со лице тестирано позитивно на коронавирусот. Нејзината прес служба тогаш информираше дека таа е во самоизолација поради ова, но дека продолжува со работа на дистанца.
Нејзиниот портпарол, под притисок на новинарите, денеска призна дека Фон дер Лајен сепак ја напуштила Белгија и покрај тоа што била во контакт со позитивно лице.
Портпаролот, Ерик Мамер, инсистира дека нејзиното напуштање на државата не е спротивно на правилата и инструкциите на белгиската влада, затоа што „превентивна самоизолација не исто што и карантин”.
– Таа го напушти Брисел за да се стави во самоизолација, не е едноставно да се спроведе самоизолација во зградата Берлемон каде таа живее и работи, рече Мамер.
Фон дер Лајен на почетокот на нејзиниот мандат одлучи дека ќе престојува во зградата на Европската Комисија каде се наоѓаат и нејзините канцеларии.
Според белгиската новинска агенција, Белга, фон дер Лајен се наоѓа во Германија.
Таа оваа недела требаше да оствари физичка средба и со македонскиот премиер, Зоран Заев, но средбата беше откажана поради нејзината самоизолација.