Непрекинатото навремено објавување на квалитетни статистички податоци и во специфичните околности наметнати од пандемијата на ковид-19 е клучно за економијата, особено заради носењето соодветни одлуки на економските субјекти и соодветно димензионирање на политиките и мерките. И покрај корона-кризата, Народната банка продолжи да остварува значаен напредок во сферата на статистиката, со клучни залагања за спроведување на највисоките и најновите меѓународни стандарди.
Ова се дел од оцените изнесени на состанокот на тимовите на Народната банка и Министерството за финансии со тимот на Одделот за статистика на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка.
На состанокот се разговараше за досегашните заеднички проекти и за активностите коишто се планираат за следниот период. Особено беше истакнат остварениот напредок, вклучително и преку достигнувањето од страна на Народната банка на највисокиот глобален статистички стандард за дисеминација на податоци – СДДС плус. Притоа, одделно беше посочено на залагањата на Народната банка, којашто овој месец започна со редовно објавување и нови подетални податоци за вложувањата на резидентите во странски хартии од вредност, а за до крајот на годината се планира и прва објава на нови податоци за финансиските сметки, во согласност со најновите стандарди.
Соработката меѓу експертските тимови на ММФ и Народната банка беше оценета како одлична, што е основа и за повеќе заеднички проекти во натамошниот период.