Соопштение за јавност – реакција на прес-конференцијата на Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ
„Опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно шири невистини, овој пат за образованието. Вистина е дека образовниот процес во државата се одвива непречено, како учењето на далечина, така и наставата со физичко присуство на учениците и наставниците, со почитување на мерките за заштита.
За потсетување, време е на пандемија, и во такви услови речиси 90% од учениците без проблем следат онлајн настава, а за преостанатите тече настава на националната телевизија, додека не се решат техничките проблеми и проблемите со ИТ опремата.
ВМРО-ДПМНЕ се последните кои имаат право да зборуваат за образованието. Тоа е несериозно, и неодговорно по 11 години систематско уништување на образованието на секое ниво.
СДСМ создава образовен систем, којшто ќе ја движи државата напред и го враќа достоинството на наставниот кадар. Затоа во изминатиот мандат ги покачивме платите за 21% на наставниците и учителките, за 31% на негувателките и воспитувачките.
Од друга страна никој во државата не знае колку чинеше најголемата инвестиција на ВМРО-ДПМНЕ во образовниот систем и каде завршија компјутерите кои беа за секое дете што вредеа десетици милиони евра, бидејќи кај учениците не завршиле воопшто.
Ова е потврдено и од Државниот завод за ревизија каде во извештаите јасно стои дека компјутерската опрема не била евидентирана, ниту пак бил почитуван законот за предавање на опремата на училиштата.
Деструкција, заштита на криминалот и неодговорно однесување, тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ го нуди. Затоа е во опозиција и затоа уште долго ќе остане таму.“