Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети граѓанската организација „Полио Плус” и оствари средба со нејзини претставници.
На средбата, соговорниците ја отворија темата за имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со хендикеп. Kако што истакнаа, тие ја промовираат ефективната и целосна имплементација на Конвенцијата преку активно и координирано вклучување на заедницата со хендикеп на национално и регионално ниво. Но, реакцијата на институциите, според „Полио плус” е на незадоволително ниво.
Во оваа насока, претседателот Пендаровски искажа очекување дека цели 9 години по ратификацијата на Конвенцијата крајно време е да се имплементираат нејзините одредби, особено кога станува збор за членовите 5 и 9, односно правата на пристапност и на еднаквост и недискриминација.
Истовремено, претставниците на „Полио плус” го информираа претседателот Пендаровски за начинот на распределба на финансиската поддршка од државата кон здруженијата на лица со хендикеп, која, како што рекоа тие, е неправедна. Образложувајќи дека според сегашната владина програма, средствата коишто се прибираат како процент од продажбата на игрите на среќа, се распределуваат само на 7-те Сојузи на здруженија, oд „Полио плус” очекуваат проширување на таа програма, за да бидат опфатени и организациите на лица со хендикеп. И при распределба на средствата да се следат препораките на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со хендикеп, за што претседателот Пендаровски искажа целосна поддршка.