„Длабоката држава” во Македонија ги нарушува нормалните односи меѓу двете земји, гради омраза и непријателство кон Бугарија, вклучува професори, новинари, вработени во службите за национална безбедност, во суштина, тие не се сите Македонци.
Ова го посочи Љубчо Георгиевски во интервју за БГНЕС за време на неговата посета на Софија.
– И покрај „длабоката држава” во Македонија, ние сакаме зближување со Бугарија, Гоце Делчев нè обединува, вели Георгиевски.
Според него, југословенската историографија ја призна македонската нација како најмлада на Балканот, а оти, како што вели, Никола Груевски со антиквизацијата и нанел тежок удар.
– Треба да ги признаеме заслугите на Зоран Заев поради неговата желба за пријателство со Бугарија, Заев и Бојко Борисов треба да изнајдат решение со кое ќе се тргне кон историско доближување, смета Георгиевски.
Во земјава, смета тој, се создаде кампања дека Бугарија бара да се промени нашиот Устав, што, како што потенцира, не е точно. Од друга страна, додава, многу лошо ќе биде ако Бугарија стави вето за С.Македонија пред Европската Унија.
-Од бугарска страна, никој не сака промена на нашиот Устав и нов Договор. Ова лично го слушнав од бугарските политичари. Софија сака спроведување на Договорот од 2017 година и конкретни резултати од работата на Мешовитиот комитет за историски прашања, нагласува Георгиевски.
Тој вели дека често пати е критикуван оти застапува бугарски ставови.
-Пред 4-5 години, ако некој земе бугарски пасош, тој беше распнат од јавноста, од соседи, роднини. Денес, добивањето бугарски пасош е нормално и не е проблем. Голем проблем пред години беше да се слушне бугарска песна во јавноста. Ако се сеќавате пред Ковид-19 во пограничните градови како Струмица, Крива Паланка и Делчево, во многу ресторани можевте да видите бугарски туристи како нарачуваат бугарска музика. Музичарите знаат бугарски и сега во Македонија може да се слушнат не само српски песни. Ако сакаме да слушаме македонски песни, мора да дојдеме во Бугарија, рече Георгиевски.
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-Народна Љубчо Георгиевски вчера оствари средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.
За средбата информираше министерката Захариева на нејзиниот фејсбук-профил.
– Мојот тим и јас денеска имавме плодна средба со нашиот пријател од Република Северна Македонија и нејзиниот премиер (1998-2002) Лубчо Георгиевски, напиша Захариева.
Георгиевски неодамна изјави дека ќе ја посети Софија за да информира дека евентуалното вето од Бугарија би било контрапродуктивно.