Словенечкиот премиер Јанез Јанша отворено го поддржа американскиот претседател Доналд Трамп во борбата за нов претседателски мандат, велејќи дека тој е подобро решение за светот од неговиот демократски противкандидат Џо Бајден.
„Ние ги почитуваме тешките лични трагедии во животот на Џозеф Бајден и некои од неговите стари политички достигнувања, но ако тој биде избран сега, ќе биде еден од најслабите американски претседатели во историјата, во време кога на слободниот свет му се потребни посилни САД од кога било“, напиша тој на Твитер.
Отворената поддршка за конкретни лица или партии на претседателски или парламентарни избори во други земји не е во словенечката политичка традиција, а Јанша е меѓу ретките државници во светот што го стори тоа во пресрет на претстојните претседателски избори во САД.
Меѓу останатите, за време на предизборната кампања во САД тоа го сторија и оунгарскиот премиер Виктор Орбан и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро. Левичарската опозиција во Словенија честопати го критикува Јанша за „орбанизирање“ на Словенија, затоа што тој е пријател со унгарскиот премиер и има многу заеднички ставови за миграциските прашања и глобализмот, како и скептицизам кон „централизмот“ и бирократизацијата во Брисел.
Понекогаш е обвинет за „имитација“ на актуелниот американски претседател, меѓу другото и преку прекумерна комуникација на социјалните мрежи и остри виртуелни напади врз политички конкуренти и медиуми.