Во Словенија, во последните 24 часа беа потврдени 1963 нови случаи на инфекција со коронавирус, 300 повеќе од претходниот ден, а 18 лица починаа од ковид-19, потврди словенечкото Министерство за здравство. Ова е нов црн рекорд за бројот на нови случаи и бројот на смртни случаи досега.
Со новопотврдените инфекции, вкупниот број се зголеми на 21.276 од почетокот на епидемијата, од кои 13.023 се моментално активни. 449 пациенти се лекуваат во болници, а 63 од нив се сериозно болни во единиците за интензивна нега.
Досега починаа вкупно 234 пациенти, а бројот на заразени на 100.000 жители во последните 14 дена е 449, што ја прави Словенија една од најзагрозените во Европската унија.
Словенечкото Министерство за надворешни работи потврди дека министерот за надворешни работи Анже Логар исто така бил позитивен на коронавирус на тестот, поради што ќе остане во изолација наредните десет дена заедно со неговите соработници кои биле во контакт со него.
Од денес, во Словенија е во сила локдун според одлуката што ја донесе владата на премиерот Јанез Јанша пред два дена и ќе трае најмалку една недела, по што ограничувањата ќе бидат преиспитани и ревидирани, во зависност од ситуацијата.