Помош и поддршка за 60 повозрасни и изнемоштени лица од Карпош, се овозможува со Проектот за подобрување на социјални услуги, кој ќе го спроведе Општина Карпош во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Црвениот крст на Град Скопје. Имено, со услугата се обезбедува медицинска поддршка, помош при чистење, готвење, хранење, како и купување на намирници на оние на кои им е најпотребно.
Денеска, во Клубот на пратеници, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев го потпиша Договорот за реализација на овој проект, кој е еден и од неговите изборни ветувања:
-Во нашата општина живеат најголем број на возрасни сограѓани и проектот навистина ќе биде корисен и од помош на оние кои немаат деца или внуци за да им помагаат во секојдневниот живот. Во претстојниот период, ќе се спроведат обуки на негователите, а во тек е и адаптација на просторија, која ќе служи за потребите на проектот, рече Богоев.
Министерската за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска потпиша договори со вкупно седум градоначалници и даватели на услуги. Таа истакна дека преку проектот се овозможува поголема здравствена и социјална заштита на локално ниво. Исто така, при реализацијата на активностите ќе бидат вклучени и голем број на невработени лица, кои ќе се мапираат од давателите на услугите – граѓанските организации.
Локалната самоуправа продолжува со континуираната грижа и поддршка за сите генерации граѓани.