Претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен, денеска им порача на граѓаните дека сегашната криза предизвикана од коронавирусот, како што беше случај во минатото, ќе се надмине со единство.
Обраќајќи им се на граѓаните по повод националниот празник, Ван дер Белен рече дека не смеат да дозволат кризата да ги обесхрабри.
– Австрија ќе го надмине тоа. Заедно, истакна австрискиот претседател во обраќањето емитувано преку јавниот сервис ОРФ.
Тој исто така повика на „навремена, разбирлива комуникација”.
– Оваа пандемија многу нè иритира. Тоа е товар за сите нас, рече Ван дер Белен и додаде дека тоа директно влијае на основните потреби за безбедност, блискост и заедништво.
Посочи дека и нему му недостига вообичаената средба со јавноста на национален празник.
Тој ги повика граѓаните да не го бараат виновникот меѓу себе, туку да се борат против пандемијата со помош на науката, разумот и сочувството.
Ван дер Белен го повика населението да ги почитува правилата за борба против коронавирусот и нетрпеливоста да ја претворат во нешто позитивно.
– Бесот и стравот се лоши советници. Тие го замаглуваат нашето размислување и ги насочуваат нашите активности во погрешна насока, подвлече Ван дер Белен.
Тој изрази уверување дека Европа, по првичните тешкотии, повторно ќе најде единство.