Раст од 4% догодина согласно основното сценарио изработено од Министерството за финансии, најави министерот за финансии Фатмир Бесими на дебата на Тв 24, на која учествуваа и професорот Никола Поповски и стопанственикот Антони Пешев. Бесими посочи дека буџетот за догодина ќе биде буџет за заздравување, дека ќе биде изработен на среднорочна рамка, како и дека на среден рок ќе се работи на фискална консолидација.
-Буџет кој ќе го поддржи економското закрепнување. Тој ќе даде и натамошна поддршка на здравствениот сектор, што значи заштита на здравјето на нашите граѓани, лекови, вакцини, здравствениот персонал, капацитетите внатре во здравството. Второ за мерки за социјалните категори и мерки за економијата и за задржување на работните места. Се предвидува во текот на наредната година да почнеме да се фокусираме колку што е можно во однос на политиките што ќе поддржат инвестиции за конкуретност, ќе поддржат подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции, што на среден рок ќе значи и одржлив раст и забрзување на истиот. – рече Бесими.
Бесими посочи дека предлог-буџетот за 2021 ќе има среднорочна рамка и ја истакна потребата од среднорочно планирање за да се направат структурни промени во буџетот и наместо за 2,6% просечен раст, како штп беше во изминативе 10 години, да зборуваме понатаму за повисоки стапки од 5% годишен раст.
Тоj посочи дека фискална консолидација може да се изврши на среден рок, како и дека не може да се очекува дека следната година ќе се дојде со предлог-буџет со дефицит помал од 3%.Тој посочи дека ова е пракса за скоро сите земји низ светот во време на кризава. Бесими истакна дека сите земји во светот ги прошируваат своите дефицити, па дури и земјите кои досега функционирале со висок суфицит во буџетот – како на пример Норвешка, а сега проектираат буџетски дефицит.
-Ова е криза од најголеми димензии во изминатите 100 години и која ги има зафатено сите земји во светот – некои со поголем, некои со послаб интензитет, но ги има зафатено сите. Понатаму, ова е криза од неекономско потекло. Нарушени се синџирите на добавување, а со административните мерки има внатрешно успорување на активноста, затоа кризата делува од двете страни и од страната на понудата и на страната на побарувачката. Од таа причина земјите преку мерки мораат да ја стимулираат економската активност и да вбризгуваат ликвидност во стопанството – рече Бесими.
Министерот за финании посочи дека закрепнувањето догодина ќе зависи и од тоа дали ќе има нов бран на здравствена криза и согласно тоа има три сценарија кои се очекуваат – основно, песимистичко и оптимистичко. Согласно позитивните сценарија се очекува да нема нови бранови на криза догодина туку да има економско опоравување.