Барање за итна смена и избор на нов директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на предлог на реалниот сектор преку стопанските комори и туристичките асоцијации

Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, Туристичко-угостителската комора на Македонија во рамки на Сoјузот на стопански комори на Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ веќе подолго време укажуваат на некооперативност, дисфункционалност, односно непродуктивност на ресорната институција одговорна за промоција и поддршка на туризмот.

Веќе подолго време институцијата има слаба продуктивност и катастрофален однос кон стопанството и Советот при Агенцијата како експертско тело во кое членуваат сите комори и бизнис асоцијации кои го третираат туризмот во Република Северна Македонија, што е резултат на лошо раководење на институцијата и немање слух за потребите на стопанството. Како последица на ваквиот однос  во прашање е доведена функционалноста на институцијата која со вакво раководење нема капацитет соодветно, прецизно и навремено да ја информира Владата за состојбите во реалниот сектор, ниту поседува авторитет да ја претставува Владата пред стопанството и јавноста, со што се предизвикува штета со големи последици која се заканува да ги обезвредни сите досегашни мерки и заложби на Владата посветени на туризмот.

Во таа насока, бизнис секторот бара изборот на позицијата директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот да биде на предлог на реалниот сектор преку стопанските комори и туристичките асоцијации, за што постои подготвеност веднаш да се достави консензуален предлог од страна на стопанството за носител на функцијата директор при АППТСМ кој ќе биде кооперативен пред се’ со реалниот сектор, а секако и задолжително со Владата на Република Северна Македонија и другите државни  институции.

Ова значи дека високата институционална ефективност и ефикасност, односно неопходноста од подготовка на план за ревитализација на секторот, како и реализација на истиот претставуваат потреба од највисок степен за опстанок и развој за периодот кој следува.

Прифаќањето на барањето на бизнис секторот  ќе претставува јасна политика на поддршка на секторот, но и поддршка на секторот кон државните политики, којашто ќе биде топло примена од реалниот сектор.

 

Треба да знаете
Последни објави