Бразил во солзи: „Да живее кралот“-над 150.000 луѓе му оддадоа почит на Пеле на стадионот на Сантос

Повеќе од 150 000 луѓе, меѓу кои и претседателот Луис Инасио Лула да Силва, му оддадоа почит на бразилскиот и светски фудбалски великан Пеле во крајбрежниот град Сантос, минувајќи покрај неговиот отворен ковчег на стадионот на истоимениот фудбалски клуб, пренесува Ројтерс.

Дваесет и четиричасовната комеморација за Пеле, кој почина минатата недела на 82-годишна возраст по едногодишна борба со ракот на дебелото црево, започна вчера и ќе заврши денеска попладне по средноевропско време.

Посмртните останки на бразилската фудбалска легенда Пеле вчера беа изнесени од болница и пренесени на стадионот на неговиот поранешен клуб. Ковчегот беше пречекан со огномет и поставен на центарот на теренот на фудбалскиот стадион со цел фановите да може да му оддадат почит.

Луѓето се наредија пред стадионот во Сантос, каде Пеле го помина поголемиот дел од својот живот, и чекаа и по два часа за да му оддадат почит, дури и преку ноќ.

„Да живее кралот“, гласеше џиновски транспарент на стадионот. Наречен „Крал на фудбалот“, Пеле играше за Сантос од 1956 до 1974 година и постигна повеќе од 1 000 голови.

Новоизбраниот претседател на Бразил, Лула, кој официјално стапи на функцијата на 1 јануари, денеска пристигна со хеликоптер во Сантос и застана до ковчегот на Пеле, обвиткан со бразилско знаме во центарот на фудбалското игралиште.

„Малкумина Бразилци го носеа името на нашата земја како тој“, рече Лула минатата недела по смртта на Пеле.

Своја почит оддадоа и други познати личности. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој беше меѓу првите кои пристигнаа на комеморацијата вчера, рече дека ќе побара од фудбалските асоцијации ширум светот да именуваат стадиони по Пеле.

Поворката со ковчегот на Пеле поминаа низ улиците на Сантос и покрај населбата каде што живее неговата 100-годишна мајка и да пристигне на гробиштата на Екуменската меморијална некропола, каде што ќе биде погребан на приватна церемонија.

Пеле е роден во 1940 година во гратчето Трес Коракоес, но во 1956 година се преселил во Сантос и таму го поминал најголемиот дел од животот. Пеле е единствениот фудбалер кој со репрезентацијата на Бразил освои три Мундијалски трофеи, а за Сантос постигна повеќе од 1 000 голови.

Градската прес-служба соопшти дека околу 5 000 новинари од целиот свет биле акредитирани да известуваат за овој настан.

Треба да знаете
Последни објави