Франција „никогаш нема да се откаже од своите принципи и вредности” и покрај „обидите за дестабилизација и заплашување”, рече владиниот портпарол Габриел Атал, нагласувајќи го „големото европско единство” околу вредности за критиките од Турција и муслиманските земји за карикатурите на Мухамед, јави дописникот на МИА.
-И покрај заплашувањето, Франција никогаш нема да се откаже од своите принципи и нејзините вредности, особено од слободата на изразување и слободата на објавување, одговори Габриел Атал на крајот на Советот на министри за новата епизода од дипломатската криза со Турција.
-Франција е предмет на „зголемена терористичка закана во последните неколку дена, поттикната од повици за омраза”, но која „ја зајакнува нашата желба да се бориме немилосрдно против исламизмот и сите негови аватари”, додаде владиниот портпарол, без да даде повеќе детали.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во понеделникот ги повика своите сограѓани да ги бојкотираат француските производи, неколку дена откако Париз го отповика својот амбасадор во Анкара откако шефот на турската држава го доведе во прашање „менталното здравје” на неговиот француски колега. Турција го обвинува францускиот претседател Емануел Макрон дека изразил поддршка за слободата за карикатура на пророкот Мухамед, за време на почит кон Самуел Пати, наставникот по историја убиен со обезглавување поради прикажување карикатури на Мухамед на час посветен на слободата на говорот.
Претседателот Ердоган, исто така, се побуни против неговата карикатура објавена од сатиричниот неделник Шарли Ебдо, нарекувајќи го „гнасен напад” од „никаквеци”.
-Немам дополнителни изјави, прецизира Атал пред да инсистира на „многу големото европско единство” околу „принципите” и „вредностите што ги брани Франција” наспроти „заплашувањата со кои се соочува Франција”.
Тој исто така истакна и даде „многу јасно потсетување дека станува збор за изјави на омраза против новинари и против редакцијата што доведоа до напади, трагедии, убиства што ги знаевме во последниве години во Франција”, скоро два неколку недели по обезглавувањето на наставникот кој им покажал карикатури на Мухамед на неговите ученици.