– Нови рекордни 870 случаи на Ковид-19 беа регистрирани вчера, додека Собранието доцна синоќа го донесе Законот за заштита на населението од заразни болести, со кој стапуваат во сила мерките на Владата за носење маска на отворено и за групирање на отворен простор, како и за задолжителна самоизолација во период на тестирање.
Носењето маска на отворено ќе има исклучоци при спортување на отворен простор, при возење во приватно патничко возило, ако возачот е сам или со лице со кое живее во заедницата, при престојување во двор во семејна куќа со лица од истата семејна заедница, или во угостителски објект каде се применуваат специфичните протоколи за заштита.
Според информациите од Министерството за здравство, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 28 697, од кои оздравени се 19 771, починати 963, а бројот на активни случаи изнесува 7 963.
Речиси половина – 48 проценти од сите активни случаи се во Скопје – 3 828, потоа следат Струмица – 458, Тетово – 451, Прилеп – 366, Куманово – 348, Штип – 227, Битола – 219, Велес – 212, Охрид – 200, Кочани – 195, Кавадарци – 177, Гостивар – 165, Кичево – 136, Струга – 98, Гевгелија – 86, Радовиш – 79, Крива Паланка – 71, Свети Николе – 70, Ресен – 59, Виница – 55, Македонска Каменица- 54, Дебар – 53, Богданци и Делчево по 52, Берово – 45, Неготино – 46, Пробиштип – 38, Валандово – 33, Дојран и Демир Капија по 18, Демир Хисар – 15, Кратово – 11, Македонски Брод – 7, Пехчево – 6, Крушево – 3.
Од скопските општини, најмногу активни случаи има во Аеродром – 710, по што следи Карпош – 580, Центар – 535, Гази Баба – 492, Кисела Вода – 467, Ѓорче Петров – 324, Бутел – 186, Чаир – 180, Илинден – 66, Шуто Оризари и Сопиште по 35, Сарај – 29, Петровец –24, Чучер Сандево – 20, Студеничани – 14, Зелениково -10, Арачиново – 8.
Министерот за здравство Венко Филипче, образложувајќи го законот, истакна дека новите измени на Законот произлегуваат од се поголемиот број регистрирани случаи и преполнување на болниците, како и, како што рече, поучени од искуствата и спроведувањето контрола од претходно пропишаните превентивни мерки.
-Со измените се уредува најпрво начинот на лекување на пациентите во смисла на институциите каде што се лекуваат, што сега е уредено со уредба со законска сила што важи до 31 декември и има потреба да се продолжи и понатаму, со оглед на тоа што е очигледно дека пандемијата не стивнува, како и зголемување на ингеренциите на инспекторатите во однос на контролата на спроведувањето на новите мерки, рече Филипче.
Уште нешто што е веќе уредено со Уредба, како што појасни министерот Филипче, е задолжителна самоизолација при тестирање за коронавирусот.
– По закажувањето на тестот или самото тестирање до добивањето на резултатот секако дека самоизолацијата продолжува ако е резултатот позитивен, а предвидена е и забрана за групирање на јавен простор, како и јавни површини во одредени периоди од деноноќието, рече Филипче.
Во последните 24 часа оздравени се 292 пациенити и починати се 14 лица, од кои тројца пациенти на 51, 60 и 83-годишна возраст од Скопје, тројца на возраст од 53, 65 и 71 година од Куманово, еден 80-годишен пациент од Дебар, двајца на возраст од 55 и 56 годни од Прилеп, еден 63-годишен од Тетово, еден 65-годишен од Велес, еден 68-годишен од Струмица, еден 72-годишен од Радовиш и еден 75-годишен пациент од Кратово. Сите се починати во болнички услови.
Направените 2647 теста се преку ИЈЗ – 902, ЦЈЗ Скопје – 120, Авицена – 471, Биотек – 218, МАНУ -199, Жан Митрев (Филип Втори) – 272, Систина со PCR метода – 190, лабораторија Лаор – 59, Судска медицина – 10, ЦЈЗ Битола – 108, Инфективна клиника – 6, ГАК – 0, Синлаб – 92, лаборатории од странство – 0. Досега во земјата се направени вкупно 240.658 тестирања на Ковид -19.
Во болничките капацитети во целата држава заклучно со синоќешните податоци од МЗ се хоспитализирани вкупно 620 лица. На Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани 150 пациенти, од кои на кислородна поддршка се 113 пациенти, во болницата во Козле 8 деца и 8 позитивни мајки, 3 деца и 2 мајки суспектни на Ковид-19, а во ГОБ „8 Септември” 48 пациенти, од кои на респиратор се двајца. Во болниците во Битола и во Штип се хоспитализирани 64, односно 48 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија и Кавадарци, пак, се хоспитализирани 294 позитивни и сомнителни на Ковид-19.