Дејвид Гир, амбасадорoт на Европската Унија, Горан Милевски, министерот за локална самоуправа и Петре Шилегов, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје официјално го означија почетокот на повикот за предлог-проекти „ЕУ за општините”. Средствата 5 милиони евра ги обезбедува Европска Унија а дополнителните средства за кофинансирање на проектите се обезбедени од буџетот на државата и ќе се реализираат преку Министерство за локална самоуправа. Повикот има за цел да ги зајакне единиците на локалната самоуправа преку три приоритети на ЕУ, солидарност, соработка и зелен пристап.
Исто така проектите имаат за цел да ги приближат основните принципи на ЕУ за локална самоуправа до Северна Македонија. Ова ќе се реализира со општините на ЕУ преку споделување на искуство и знаење со македонските општини за тоа како да се решат локалните проблеми. Развојот на иновативни концепти и употребата на националните ресурси во справувањето со проблемите на локално ниво се охрабруваат во рамките на повикот. Со поддршка на ЕУ, локалните самоуправи ќе ги подобрат локалните услуги, оттаму, тие ќе бидат подготвени да ги преземат пошироките надлежности. Повикот за проекти „ЕУ за општините” е кофинансиран од владата.
– Денеска и формално ги повикувам градоначалниците, граѓанските организации и бизнис заедницата, заеднички, да направиме промени во општините, преку проектот „ЕУ за општините”. Министерството за локална самоуправа од Буџетот на државата обезбедува 600.000 евра за кофинансирање на одобрените проекти. На овој начин им олеснуваме на општините да аплицираат и ги правиме подостапни за користење фондовите на Европската Унија. Повикот е објавен и ќе биде отворен до 30 декември. Условот е проектите да понудат нов начин на решавање на проблемите во општините. Со иновативни решенија да ги подобрат постојните или пак да креираат нови локални услуги. Соработката со граѓанскиот и со бизнис секторот е важна за да се идентификуваат вистинските потреби и соодветно да се одговори на потребите на граѓаните. Европската Унија обезбеди и дополнителни 1 милион евра за техничка подготовка на општините за аплицирање. Нашето членство во Европската Унија е највисок приоритет кој што ќе го реализираме преку подобрување на условите за живеење за граѓаните во сите области. Многу од очекуваните промени треба да се случат и во општините, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Според Милевски главните области на кои што треба да се фокусираат проектите се: иновативни решенија за нови услуги или за подобрување на постојните; подобра социјална грижа и социјални услуги; подобрување на капацитетите на кризниот менаџмент; економско опоравување после кризата со пандемијата, работни места и вештини; како и приоритети поврзани со климатските промени и одржливото користење на националните ресурси. Имплементацијата на проектот ќе трае 3 години.