Во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 2.776 нови случаи на коронавирус, објави Јутарњи.хр. Починаа 18 лица. Тестирани се 9.679 лица. Има 985 пациенти на болничко лекување, од кои 71 пациент се приклучени на апарати за дишење.
Ова е нов дневен рекорд на бројот на новоинфицирани од почетокот на епидемијата во Хрватска.
Епидемиологот Бранко Колариќ за хрватските медиуми изјави дека само во Загреб има меѓу 700-800 позитивни луѓе. „Ако пресметам дека 5-10 проценти од тие 2.700 луѓе имаат потреба од хоспитализација, тоа е 150-200 луѓе. Зголемувањето трае веќе некое време”, рече Колариќ.
Тој додаде дека расте бројот на лица приклучени на апарати за дишење и на лица со сериозни клинички слики.
Главната причина зошто се воведуваат дополнителни мерки е здравствениот систем, вели Колариќ и истакнува дека се потребни четири недели за да новите мерки, кога ќе бидат преземени, дадат резултати. „Не мислам дека полицискиот час е реален“, рече Колариќ.