Кривична за Димова и Златковски за „Фризерница“

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривични пријави против директорката на Национална Агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова и три други лица за случајот во јавноста познат како „Фризерница“.

За нив постои основано сомнение дека сториле кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, измама на штета на средства на европската заедница, соизвршителство и несовесно работење во службата.

Покрај Димова, кривични пријави се поднесени и против Зоран Златковски во својство на управител и сопственик на Друштво за трговија и услуги увоз-извоз В.Е.З. Трејд ДООЕЛ Скопје, А. Г., во својство на надворешен соработник во Национална Агенција за европски образовни програми и мобилност и А. П. во својство на благајник во Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност.

Четворицата се товарат дека причиниле штета од големи размери на доверените средства на Европската заедница во вкупен износ од 25.334.543 денари.

Димова на прес конференција пред две недели изјави дека голгота низ која поминува поради информацијата дека дала грант од 270.000 евра на фризерница е замајување на јавноста, а и Златковски негираше вмешаност во било каков криминал.

Треба да знаете
Последни објави