Финансиска поддршка за децата без родители, мапирање стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид, изградба на дел од третиот крак за водснабдителен систем во село Липково и водоснабдување во Мала Речица, довршување на филтер станицата во Штип и Карбинци, реставрација на мост во село Уланци, дополнителни средства за одржување археолошки локалитети и средства за организација на резервни офицери.
Ова, како што рече министерот за финансии Фатмир Бесими, се амандманите кои се имплементирани во ребалансот кој е за разгледување и одобрување во Собранието од денеска.
-Стотици илјади граѓани и илјадници фирми очекуваат од Собранието да го донесе овој Ребаланс, за да можат да ги ползуваат мерките од Четвртиот пакет, кои ќе им ги олеснат ефектите од кризата и ќе им помогнат со соочување на овој втор бран кој се случува, рече министерот образложувајќи го предлогот пред пратениците.
Потенцира дека ефектуирањето на Четвртиот пакет антикризни мерки зависи од усвојување на овој ребаланс и дека со него се обезбедуваат средства за реализација на мерките како: финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати во октомври, ноември и декември 2020 година, финансиска поддршка за ранливите категории погодени од COVID-19 за плаќање домашни производи и услуги кај погодениите сектори, поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, поддршка на дејноста Туристички водич, регистрирани како самостојни вршители на дејност, враќање на туристичка такса за 2019 година. Поврат на средствата од Викенд без ДДВ, при што за граѓаните кои се регистрирани на апликацијата МојДДВ ќе се врши поврат на целиот износ на ДДВ за купени домашни производи и услуги и компјутерска опрема за промет до 30.000 денари, државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби, рече министерот, образложувајќи го предлогот пред пратениците.
Мерките, како што потенцира, се одговор на продолжувањето на здравствено-економската криза со цел поддршка на домаќинствата и нивната потрошувачка, помош за фирмите со цел одржување на работните места и подобрување на нивната ликвидност, но и нивна поддршка за инвестициите и извоз.
Мерките. според него, ќе придонесат кон ублажување на падот кај приватната потрошувачка и инвестициите, а со тоа и врз севкупната економска активност, која ќе забележи пад и во третиот и четвртиот квартал, а враќањето на патеката на економски раст се очекува да биде побавно во односна претходните проекции.
Со ребалансот се ревидирани проекциите за економската активности за годинава се очекува да забележи пад од 4,4 отсто, што се должи на предвидениот пад на приватната потрошувачка од 4 отсто и на бруто-инвестициите од 10,2 отсто на реална основа, во услови на проектиран пад на расположливиот доход на домаќинствата, зголемена неизвесност и влошена доверба на деловните субјекти. Јавната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 2,4% отсто како резултат на зголемените расходи за справување со здравствената криза, а во услови на пад на извозот на стоки и услуги од 17 отсто и на увозот на стоки и услуги од 15,5 отсто на реална основа, нето-извозната побарувачка се очекува да има позитивен придонес врз економската активност. Ревидираната проекција на стапката на инфлација изнесува 1 отсто.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со предходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на ниво пониско за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или за 5,5 отсто, односно за околу 13 милијарди денари повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2020 година (пред КОВИД кризата).
Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,5 отсто од БДП.
-Имајќи ги предвид настанатите околности, министерот истакна дека се, извршени промени во однос на иницијалните проекции на расходната страна на Буџетот на Република Северна Македонија, пред се за спроведување на активностите предвидени со четвртиот сет на мерки.
Расходите за исплата на платите се проектирани на ниво од 30,1 милијарди денари односно на исто ниво во однос на планот. Расходите за стоки и услуги се планирани во износ од околу 18 милијарди денари или за околу 0,8 милијарди денари помалку во однос на планот за 2020 година, како резултат на мерките за сведување на минимум на сите помалку приоритетни расходи од Буџетот, кои суштински и директно не се поврзани со справувањето од корона вирусот, без притоа да се наруши редовното подмирување на обврските на буџетските корисници. Во овие рамки обезбедени се дополнителни средства во здравствениот сектор за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови, имунизација на население и други неопходни средства и поддршка на вработените кои се директно вклучени во борбата против пандемијата.
Тековните трансфери се планирани на ниво од 177,3 милијарди денари или за околу 11,2 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат пред се на преземените мерки за обезбедување средства за имплементација на економските мерки донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија за справување со кризата предизвикана од пандемијата на Коронавирусот COVID-19, а кои ќе имаат директен импакт врз реалната економија и директно помагање на приватната потрошувачка.
Со ребалансот се предвидени 4,3 милијарди денари за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор со надоместок во интервалот од 14,500 до 21,776 денари,во компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата, 1,6 милијарди денари за финансиска поддршка за ранливи категории погодени од COVID-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај погодениите сектори, 412 милиони денари за Поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, 9,8 милиони денари за Поддршка на дејноста Туристички водич,регистрирани како самостојни вршители на дејност, 120 милиони денари за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања, 66,85 милиони денари поврат за Викенд без ДДВ, 799 милиони денари за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, со што се нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик и 330 милиони денари за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби
Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,1 милијарди денари или за 0,5 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година, а се резултат на забавени економски активности, пролонгирање на инвестициони вложувања заради изборните дејствија, како и мерки за воздржување од набавки на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19.
Министерот наведе дека проектираниот дефицит за 2020 година во износ од 56,6 милијарди денари, отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 26,9 милијарди денари и отплатата на домашен долг во износ од 15,3 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
Отплатата на главница по основ на надворешен долг, како што рече, го вклучува редовното сервисирање на обврските по надворешниот долг, вклучително и последната рата од ПБГ заемот во износ од 155 милиони евра како и дел од еврообврзница издадена во 2015 година во износ од 178 милиони евра, додека отплатата на домашен долг ги опфаќа отплатите на државни обврзници во износ од 6,6 милијарди денари и отплата на структурни обврзници во износ од 491 милиони денари, како и отплата на краткорочен кредит од домашни банки во износ од 8.17 милијарди денари.
Во рамки на домашното задолжување од 36,3 милијарди денари ќе се реализира преку домашниот пазар на државни хартии од вредност во износ од 8,17 милијарди денари, како и задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност во износ од 28,1 милијарди денари со истовремена отплата на државни обврзници во износ од 6,6 милијарди денари, при што ќе се реализира максимален износ на нето задолжување преку државни хартии од вредност во износ од 21,5 милијарди денари кои ќе бидат искористени за финансирање на потребите во тековната 2020 година како и за делумно финансирање на 2021 година.
Задолжувањето во странство, според министерот, се реализираше преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции наменети за финансирање одделни проекти вкучително и заем од ММФ во износ од 176 милиони евра и заем од ЕУ за макро-финансиска поддршка во износ од 80 милиони евра, како и преку Еврообврзница во износ од 700 милиони евра.
Министерот побара од пратениците одговорно и разумно пристапување кон разгледување и усвојување на ребалансот, бидејќи, како што рече, во оваа ковид-криза најголемо добро за граѓаните и стопанството е ефектуирањето на четвртиот пакет мерки.
Расправата по ребалансот согласно Деловникот трае пет работни дена.