Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес ја одржа првата работна средба со новоименуваниот в.д. директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот (АСИПИ), Дејан Павлески, со кого разговараше за политиките и плановите на Владата за привлекување на нови инвестиции и поддршката на компаниите за технолошко-технички развој со крајна цел создавање на поконкурентна економија.
Вицепремиерот Битиќи, му честиташе на Павлески за новиот ангажман и посака успех во идната работа, кој успех ќе биде значаен за генералниот економски раст и развој на Северна Македонија. Вицепремиерот, во чие портфолио на активности од неодамна се вклчени и инвестициите, нагласи дека АСИПИ е една од клучните алки во системот за привлекување на нови инвестиции во државата. Согласно Владините политики и планови оваа агенција треба да биде првата комуникациска точка со странските компании, заинтересирани за реализација на нови проекти во нашата земја, но и за сите други компании кои веќе функционираат, за да реализираат нови инвестиции во техничко-технолошкиот развој, дигитализација на процеси, отворање на центри за истражување и развој, односно сите оние компании кои сакаат да бидат поконкурентни на домашниот и меѓународните пазари.
Битиќи нагласи дека во периодот кој следи, Владата, заедно со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, ќе работат на креирање на што е можно подобри услови за инвестирање во државата, како и за создавање на уште подобра генерална бизнис клима.
Контакти и привлекување на странски компании кои имаат знаења и искуство во работата со високо развиени технологии и кои создаваат производи со додадена вредност, како и поттикнување на домашни компании да реализираат инвестиции со кои ќе ги прошируваат производните капацитети и ќе бидат атрактивни партнери на високо развиени компании и со што им се отвораат можности да станат дел од меѓународните синџири за снабдување на глобални компании, ќе бидат главните задачи на Агенцијата во следниот период, истакна вицепремиерот Битиќи во разговорот со в.д директорот на АСИПИ Павлески и раководните лица од Агенцијата.
Новоименуваниот в.д директор на АСИПИ, Дејан Павлески, го истакна задоволството што Владата му укажала доверба да ја води оваа значајна институција и нагласи дека ќе го вложи сето знаење и искуство за да Република Северна Македонија биде атрактивна дестинација на светски познати компании, како и земја која се препознава како одлично место за водење на бизнис.