Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за Македонска банка за поддршка на развојот со кој се овозможува реализирање на мерката Државен гарантен фонд е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) за јавна консултација. Со предлог-законот се уредува начинот на кој ќе функционира кредитната-гарантна шема, која има за цел да го олесни пристапот до кредити за микро, малите и средни претпријатија.
Со предлог-законот се предвидува 10 милиони евра од буџетот да се вложат во Гарантниот фонд, како неповратни средства кои ќе се користат како гаранции кај комeрцијалните банки за земање на кредити. Носењето на овој закон и спроведувањето на оваа мерка е од големо значење за микро, малите и средни претпријатија, бидејќи значително им се олеснува пристапот до капитал и им се дава поддршка во време кога поради кризата е намалена ликвидноста во стопанството, посочува министерот за финансии Фатмир Бесими.
Развојната банка и банките и штедилниците ќе склучат договор за издавањето на гаранциите, а крајни корисници ќе бидат микро, мали и средни трговци, како и големи извозно-ориентирани трговци. За кредитите за обртни средства ќе се гарантира до 80% од износот на кредитот, а за кредитите за основни средства до 50% од износот на кредитот.
Гарантната шема може да мобилизира ограничена кредитна активност на Гарантниот фонд. Агрегатниот износ на одобрени кредити со гаранција од Гарантниот фонд може да биде најмногу во висина на десеткратниот износ на средствата на Гарантниот фонд. Дополнително, ограничена е и изложеноста на Гарантниот фонд кон одделна банка и штедилница во висина до 25% за банка и 10% за штедилница од износот на средствата на Гарантниот фонд. Со ова решение се влијае на постигнување на една од целите на законот – олеснет пристап до кредити за што е можно поголем број на микро, мали и средни претпријатија.
Во функција на транспарентност и контрола на законитоста во работењето на Гарантниот фонд, Развојната банка ќе објавува број и износ на одобрени кредити, износ на одобрени гаранции и лимит на гаранции по банки и штедилници на квартална основа, а Министерството за финансии ќе објавува полугодишен извештај за фискалните ризици на Гарантниот фонд, гарантната изложеност и започнатите постапки за активирање на гаранциите.