Прес-конференција, Мартин Костовски, пратеник од СДСМ
Состојбата со коронавирусот и есенскиот бран е сериозна. Здравствениот систем, сите институции, се целосно посветени во борбата против коронавирусот. Во насока на поголема заштита од ширењето на вирусот КОВИД 19 парламентарното мнозинство донесе измени на Законот за заштита на населението од заразни болести. Со овие измени на инспекторатите им се даваат пошироки овластувања и се засилува системот на контрола на почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот.
И додека институциите со сите свои капацитети се борат против пандемијата, ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски секојдневно се однесува деструктивно и го поткопува здравствениот систем. Наместо конструктивност, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски дејствуваат опасно по јавното здравје.
Во време на сериозна здравствена криза, Мицкоски организира јавни собири за спас на сопствената фотелја во белиот дворец, загрозувајќи го јавното здравје. И додека Мицкоски го загрозува јавното здравје, членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Вело Марковски постојано ги оспорува мерките, шири непроверени информации со што ги поттикнува граѓаните да не ги почитуваат мерките и со тоа го поткопува здравствениот систем.
Јавното здравје е заедничка одговорност. Секој од нас мора максимално да ги почитува мерките и задолженијата. Да носиме заштитна опрема на носот и устата, да не се групираме и да држиме дистанца. Само на тој начин ќе ја победиме заканата од коронавирусот, ќе го заштитиме сопственото и јавното здравје и ќе им помогнеме на здравствените работници.