Речиси 12 милиони ученици, денеска, во Франција повторно тргнаа на училиште по кусиот распуст.
Враќањето во клупите се случува среде карантин воведен против епидемијата на коронавирусот и по убиството на наставникот по историја, Самуел Пати, кое ја потресе целата земја.
Сите просветни работници и ученици во Франција, денеска, во 11 часот, со едноминутно молчење му оддадоа почит на наставникот Пати, кој на 16 октомври беше убиен од исламист бидејќи на учениците им ја покажа карикатурата од муслиманскиот пророк Мухамед.
Премиерот Жан Кастекс денеска му оддаде почит на Пати во училиштето во кое тој работеше, на периферијата на Париз. Со него беше и министерот за образование, Жан-Мишел Бланк.
За разлика од карантинот воведен пролетта, овој што е во сила до 1 декември не подразбира затворање на училиштата.
Но, сите образовни институции се подложени на строги санитарни мерки, меѓу кои задолжително е носењето маски за децата од шест години, кои тргнуваат во прво одделение. Досега маската беше задолжителна за децата од 11 години.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, утрово им се обрати на сите ученици на кои им порача дека ги поддржува.
„Ги следам вашите емоции по терористичките напади, од кои еден беше во вашето училиште“, рекол Макрон.
По убиството на Пати, во Франција имаше уште еден напад во црквата „Нотр Дам“ во Ница.
Од денеска пред 60.000 училишни установи патролираат полициски екипи.