Од денеска нови мерки во делови на Грција, Солун под целосен, Атина во мини карантин

Во шест часот утрово стапија во сила новите рестриктивни мерки во Грција за дополнително спречување на ширењето на коронавирусот, Атина и северниот дел на земјата се во мини, а Солун и Серес во целосен карантин, јави дописничката на МИА од Атина.

Од вчера Грција е поделена во три зони според степенот на опасност, жолта, црвена и сива, со посебни мерки и рестрикции. Во жолтата фаза се 47 региони (под надзор), во црвената 25 (со зголемена опасност), меѓу кои речиси цела северна Грција и Атина, а во сивата, која беше вчера додадена се Солун и Серес.

За првите две зони, има неколку исти правила: задолжителна маска и внатре и надвор; полициски час од полноќ до 5 часот наутро; задолжително најмалку 50 отсто работење од дома во државниот и приватниот сектор и задолжителни онлајн предавања за студентите, додека пак остануваат отворени продавниците за малопродажба и за храна, пазарите, фризерските салони, хотелите и училиштата и не е забрането движење меѓу регионите.

Превозните средства во сите делови на земјата ќе функционираат со 65 отсто од капацитетот.

Солун и Серес во карантин

Во Солун и Серес воведен е целосен карантин, со дозволено движење за граѓаните само со испратена смс порака, полициски час од 21 до 5 часот наутро, забрана за меѓународни и домашни летови, а единствено отворени ќе бидат само супермаркетите, продавниците за храна, фурните, месарниците, пет шоповите, индустриите, хотелите, основните и дел од средните училиштата.

Забрането е излегување вон регионот, а не е дозволено ни патување во странство, а во однос на спортските активности, дозволени се единствено европските натпревари во кошарка и фудбал.

Жителите на Солун и Серес, исто како и за време на карантинот во март и април, во периодот од 5 до 21 часот дозволено е да излезат само од шест причини: посета на лекар, посета на супермаркет или продавница за храна, посета на банка или јавна служба, посета на лице на кое му треба помош или грижа, присуство на погреб, свадба, крштенка и физичка активност или прошетка на милениче.

При секое од овие излегувања, потребно ќе биде да испратат смс порака.

За време на полицискиот час од 21 до 5 часот наутро, дозволени се движења само од есенцијални причини (работа, здравствени причини или прошетка на милениче) и повторно со испраќање смс порака.

Новите мерки се во сила следните две седмици, а вчера ги соопшти владиниот портпарол Стелиос Пецас на редовниот брифинг со новинарите, кој рече дека ситуацијата во Солун и во одредени други региони, е „особено сериозна за јавното здравје и објасни дека сегашниот „локален lockdown” се разликува од општиот карантин минатата пролет по тоа што сите училишта ќе бидат отворени, додека пак сѐ друго ќе се затвори, вклучително и црквите.

-Исто како и во периодот на „општиот lockdown”, така и во случајот на „локален lockdown” одново се враќа потребата за испраќање смс порака за сите движења. За периодот од 21 часот навечер до 5 часот наутро следниот ден, дозволени се движења само од професионални и здравствени причини. Во овој контекст, од утре се забранети домашните и меѓународните летови за неесенцијални потреби од и кон аеродромот „Македониа” во Солун, објасни портпаролот на грчката Влада.

Пецас истакна дека Солун и Серес, треба да бидат пример за сите за почитување на мерките, особено за регионите што се во црвената зона.

Северна Грција и Атина во мини карантин

А токму „црвените” региони, меѓу кои Атина од денеска се во едномесечен мини карантин, односно затворени се угостителските објекти, кафулињата, баровите, со исклучок на „delivery” и „take away”, музеите, театрите, кината, забранети се секаков вид собири, забрането е одржување конференции,  дозволено е само индивидуално спортување и натпревари само во првите лиги во фудбал и кошарка, како и учеството во европските натпреварувања, а се воведува и полициски час од полноќ до 5 часот наутро.

Дозволени се до три лица во патнички автомобил (со исклучок на семејствата), додека пак за такси возилата е дозволен само еден патник.

Црквите и религиските објекти во црвената зона ќе останат отворени, со максимално дозволен број до девет лица на литургија или обреди и свечености.

Новите мерки, што ќе бидат во сила еден месец, во саботата ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во телевизиска порака до граѓаните, истакнувајќи дека не станува збор за „целосно замрзнување на секојдневието”, повторувајќи дека „целосен lockdown е последниот чекор, што ќе ги погоди економијата и општеството”.

Сопствениците и вработените во угостителските објекти загрижени за иднината на бизнисите

Жителите на Атина, вчера, за последен пат имаа можност да се напијат кафе или пијалак во кафуле или пак да јадат во ресторан или таверна, со оглед на тоа дека од денеска, во траење од најмалку еден месец, ова задоволство ќе им биде скратено.

Во текот на вчерашниот ден зголемена беше раздвиженоста во центарот на Атина, како во текот на денот, така и во вечерните часови.

Сопствениците и вработените во угостителските објекти со кои вчера поразговара дописничката на МИА од Атина, коментирајќи ја одлуката на грчката Влада, изразија загриженост, неизвесност, но и страв за иднината на нивните бизниси и работни места и потенцираа дека за нив, ова е втор „удар” за само неколку месеци.

-Постои страв за нашите работни места, непознато е кога повторно ќе отвориме, колку време ќе бидеме на принуден одмор, кога ќе ни биде исплатено за принудниот одмор и како ќе живееме додека да бидеме платени, бидејќи имаме семејства, деца. Ситуацијата е навистина многу тешка, објаснува вработен во таверна.

Кафулињата и угостителските објекти беа меѓу првите што принудно затворија во март годинава, уште  пред почетокот на целосниот карантин. На крајот на мај отворија, а сега, пет месеци подоцна, повторно стваат клуч на врата.

-Нема ништо полошо од втор lockdown за само неколку месеци. Само што почнаа работите да се враќаат во нормала, сега повторно затвораме, вели сопственик на кафуле.

Вработен во таверна, што се наоѓа во центарот на Атина, во една од најпопуларните туристички населби, во разговор за МИА објаснува дека летниот период не може воопшто да се според со претходните години и поради намалениот број туристи.

-Летото беше лошо, имавме пад од 80 отсто од прометот, коментира тој .

Од друга страна се граѓаните, гостите во таверните, рестораните и кафулињата. Велат  дека иако новите рестрикции се за заштита на јавното здравје, сепак коментираат, затворањето на угостителските објекти, може да има и контра ефект, доколку младите започнат да се собираат на плоштади и во паркови.

Треба да знаете
Последни објави