Четвртиот пакет не придонесе кон враќање на довербата на инвеститорите во македонската економија.Пазарот негативно го оцени првиот пакет економски мерки, но оптимистички реагираше на вториот, докажувајќи дека формата и големината на мерките беше соодветна за поттикнување на економијата. Инвеститорите беа резервирани по објавите на третиот и четвртиот пакет мерки, веројатно затоа што веќе ја имаа вградено информацијата за ниската реализација на мерките од претходните два пакета.
Тоа го наведува Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк во денеска објавената анализа „Како пазарот ги оцени економските мерки против Ковид-19″.
Како и голем број земји во светот, наведува ФТ, Северна Македонија дизајнираше и имплементираше четири пакети економски мерки со цел ублажување на економските загуби предизвикани од Ковид-19 кризата. Иако се`уште е рано да се оцени соодветноста и успешноста на преземените мерки, анализата на сентиментот на пазарот на капитал ја открива перцепцијата и реакцијата на инвеститорите на економските мерки во поглед на перспективите на македонските компании во текот и по Ковид-19, велат од ФТ од каде ги анализирале движењата на приносите на компаниите кои котираат на Македонската Берза околу објавите на четирите пакета економски мерки, со цел да утврдат како пазарот ги оцени мерките на Владата.
Сумирајќи ги резултатите од реакцијата на пазарот на сите четири настани ФТ заклучуваат дека магнитудата на мерките е важна. Првиот пакет мерки беше минимален и не само
што не успеа да го подигне сентиментот на пазарот, туку го продолжи неговиот пад. Ниту
банкарскиот сектор не беше имун на ударот од пандемијата покрај смирувачките пораки од Народната Банка за стабилноста на финансискиот систем, стои во заклучоците.
Според ФТ, мерките насочени кон поддршка на ликвидноста на компаниите (посебно во
вториот пакет) се позитивно оценети од пазарот. Инвеститорите, посочуваат, оценија дека формата на вториот пакет мерки е соодветна и ги зголемија своите влогови на пазарот на капитал вреднувајќи ја перспективата на компаниите и банките како позитивна. Мерките насочени кон побарувачката (посебно во третиот пакет) се прифатени со резерва од пазарот. Иако со овие мерки се таргетирани одредени сектори (како што се туризмот и трговијата), тешко е да се утврди како би се прелеале позитивните ефекти од овие мерки врз останатите во економијата. Иако немаше реакцијата на третиот пакет мерки, ваквите мерки беа потребни за стимулирање на побарувачката во одредени сектори. За ваквите мерки да го зголемат оптимизмот на пазарот, потребен е поголем опфат и износ, стои во заклучоците.
Од ФТ во заклучоците порачуваат дека комуникацијата е важна, но реализацијата е уште поважна.
-Разликите во реакциите на вториот и четвртиот пакет мерки (иако беа слични во формата и опфатот) докажува дека пазарот брзо учи и ја вградува ниската реализација во своите очекувања. Пазарот останува резервиран во однос на секоја најава на мерки поради ниската реализација, иако иницијално позитивно реагираше на најавата на вториот пакет мерки. Секоја наредна најава на мерки ќе биде слично консумирана, се додека не се подигне процентот на реализација, заклучува ФТ.
Како што се наведува во анализата, бизнисот долго го очекуваше четвртиот пакет мерки кој требаше да претставува значаен стимул за економија во пресрет на есенскиот бран од пандемијата.
-Објавувањето на четвртиот пакет следуваше по објавата на процентот на реализација на претходните мерките каде Владата успеа да реализира приближно 35.3 проценти од планираниот износ за мерки. Иако последниот пакет мерки беше комбинација и продолжение на вториот и третиот пакет и најобемен, тој не предизвика реакција на пазарот на капитал. Четвртиот пакет не придонесе кон враќање на довербата на инвеститорите во македонската економија во пресрет на есенскиот бран на пандемијата. Инвеститорите останаа внимателни, земајќи ја предвид релативно ниската реализација на мерките и чекајќи го развојот на пандемијата во наредниот период, се наведува, меѓу останатото, во анализата