Промовиран протоколот за заштита од Ковид-19 во судовите

Задолжително носење заштитна маска и држење социјална достанца, како и мерење телесна температура на влез во судската зграда, дезинфекција и проветрување на судниците, предвидува Протоколот за спроведување мерки за заштита од Ковид-19 во судовите, што денеска го промовираше Здружението на судии.

Протоколот има советодавен карактер и е изработен со техничка и финансиска поддршка на ОБСЕ и ќе биде испечатен и дистрибуиран низ судовите во земјава.

Претседателот на Основниот кривичен суд во Скопје Иван Џолев, рече дека овие мерки и досега се применувале, но сега добиваат една поусогласена форма.

– Ова претставува едно продолжување и давање форма на се она што судовите го применуваа. Ова е форматирање и допрецизирање и на одлуката на Судскиот совет за функционирање на судовите и во пандемија, изјави Џолев.

Целта на овие протоколи, посочи тој, е да се обезбеди здравствена заштита на сите странки и вработените во судовите, како и обезбедување на функционалноста на судот.

Претседателот на Здружението на судии Џемали Саити, на промоцијата рече, дека протоколите содржат стандарди за кои се консултирани повеќе институции и се необврзувачки, но дека се добра основа и ќе помогнат во работата на судовите и на граѓаните.

– Можеби во блиска иднина и Судскиот совет ќе постапи тука со некоја нивна задолжителна примена, изјави Саити.

Услови за спроведување на судењата во Основниот граѓански суд засега има, смета судијката од Основниот граѓански суд Емилија Шопар Јованова.

– Засега немало проблем. Судницата е доволно голема да присуствува и странката и јавноста, изјави Емилија Шопар.

Изработени се 10 илјади флаери и 900 постери кои ќе бидат распределени низ сите судови во државата.

Треба да знаете
Последни објави