Талат Џафери денеска имаше виртуелна консултативна средба со европратениците како олеснувачи на Дијалогот Жан Моне, Андреас Шидер, Марион Валсман и Илхан Ќучук.
Средбата беше во поширок состав, а беа поканети и вклучени и координаторите на пратеничките групи и претставниците на политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија, Никола Мицевски, Јован Митрески, Арбер Адеми, Сурија Рашиди и Кастриот Реџепи. На средбата беше и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
Оваа консултативна средба имаше за цел обезбедување на ажурирање за спроведувањето на обврските преземени за време на третиот Жан Моне Дијалог на Собранието со Европскиот парламент во февруари 2020 година, како и за целокупната политичка клима и составот на парламентарните сили по изборите одржани на 15 јули 2020 година.
Претседателот на Собранието Џафери, како што соопшти неговиот Кабинет, им заблагодари на европратениците за честитките за неговиот реизбор и за непристрасното спроведување на парламентарните избори под предизвикувачките околности на КОВИД -19. Тој потврди дека Собранието, и во овој нов мандат, останува доследно на одржување на моментумот и духот на Дијалогот Жан Моне, особено сега, кога, како што рече, климата е во голема мера попозитивна, односно, кога координациите се одржуваат во полн состав и сите координатори имаат можност директно да се информираат и да придонесат за функционалноста на законодавниот дом.
Џафери искажа задоволство за позитивниот Извештај на Европската комисија во делот за Собранието и потврди дека место за подобрување има и има консензус да се работи во таа насока, меѓутоа во исто време ја образложи и нужноста од скратените постапки кои се применуваа во претходниот период, алудирајќи на потребните измени за стекнување полноправно членство во НАТО и отворање на можноста за пристапни преговори со Европската комисија.
Тој информираше дека вонредната пандемија со КОВИД-19 наметна донесување вонредни одлуки од страна на Владата со оглед на тоа што Собранието беше распуштено во тој период и дека веднаш на првата седница беше отворено и прашањето за алтернативните начини на работа, со цел одржување на функционалноста и уставната надлежност а имајќи на ум дека, како што рече и претседателот Сасоли: „Демократијата не може да биде суспендирана во ваква драматична криза”. Во таа насока, претседателот Џафери изрази благодарност и до него, и до Европскиот Парламент за безрезервната помош и за тоа што остануваат на располагање за споделување на добрите практики. Засега, рече претседателот Џафери, Собранието останува да работи со физичко присуство, се додека условите го дозволуваат тоа.
Во однос на четвртиот Дијалог Жан Моне, кој засега не може да се организира поради неможноста од физичко присуство, од страна на европратениците беше потврдено дека Европскиот парламент е подготвен да продолжи со олеснување на процесот зашто заклучоците од третиот Дијалог оставија важно наследство за новиот парламентарен состав, односно Деловник за чии реформи во клучните аспекти се согласија сите учесници.
Џафери, и сите присутни на средбата искажаа подготвеност да продолжат со реформите и изнаоѓањето прифатливи решенија за сите можни деловнички ситуации кои би можеле да го попречат нормалното одвивање на законодавниот процес.