Ниту ние, ниту Австрија, ниту кој било во светот не е имун на терозизам и затоа соработката за негово сузбивање и за сузбивање на радикализмот мора да продолжи. Размената на информации е отворена и ни е од голема помош за превенирање, иако сме во фаза на сертификација на нашите служби согласно НАТО стандардите. Верувам дека и ние даваме информации, од нашата земја, за да им помогнат на другите, рече премиерот Зоран Заев во врска со синоќешниот напад во Виена.
Тој во гостување на ТВ Сител нагласи дека македонските безбедносни служби се екипирани и функционираат, дека реформите се завршени, но процесот на сертификација ќе трае уште една година.
-НАТО има доволно информации. Засега мислам дека сме добар пример и има причина да ни веруваат многу, а и покажуваат дека ни веруваат многу кога гледаме какви информации споделуваат со нас. Секако, таа доверба треба да расте, да не ја изневериме, рече Заев.
Тој додаде и дека уште веднаш разговарал со канцеларот Курц, кому му понудил помош и соработка.
-Уште синоќа се обратив до нашиот голем пријател Себастијан Курц, за да изразам сочувство до семејствата, до австриската држава и до него лично како канцелар. Разговаравме во насока да понудиме помош. Нашите безбедносни служби работат, иако Австрија не е членка на НАТО, но е една од европските земји со кои имаме одлична соработка. Добив одговор дека ја почитува нашата подготвеност за поддршка и што споделивме сочувство, како службите имаат потреба се подготвени да се обратат. Тоа е израз на пријателство. И нам кога ни било тешко, секојпат пријателите ни биле добредојдени. Во тој дел разменивме информации, истакна Заев.
Премиерот потсети дека земјава имаше успешна акција пред некој месец, луѓе од процесите „келија еден, два и три” излегле од затвор и продолжиле со такви активности што ја реафирмира потребата од рехабилитација. Издржувањето затвор не го промени начинот на однесување. Беа документирани со докази, дури имаше група со самоубиствени панцири за евентуални напади, рече Заев.