Пристапувањето на Република Северна Македонија во ЕУ е исклучително важно за нашиот регион и Бугарија секогаш го поддржувала. Сепак, Бугарија мора да има јасни гаранции дека единството на бугарската нација и нашето културно-историско наследство никогаш нема да биде под знак прашалник од надворешни фактори. Како одговорна членка на Европската Унија, не можеме и не треба да дозволиме да внесеме нови нерешени проблеми во Унијата.
Ова на својот фесјбук-профил го објави бугарскиот претседател Румен Радев.
-Не можеме, стои во објавата, да дадеме европски легитимитет на омразата на Бугарија. Три години по потпишувањето на Договорот за пријателство, соседство и соработка со Република Северна Македонија, за жал продолжуваме да сведочиме навредливи и недозволиви зборови за Бугарија.
Очекува бугарската Влада да се избори во членот 35 од преговарачката рамка за Република Северна Македонија да ја вклучи националната рамковна позиција усвоена едногласно од Народното собрание пред една година. -Сепак, наведува, ова изгледа сè поневеројатно и има еден исход – одложување на преговорите до чист законски обврзувачки билатерален договор меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за расчистување на сите билатерални прашања.