Премиерот Зоран Заев го поздрави вчерашното усвојување на ребалансот на Буџетот со кој се обезбедени дополнителни средства како поддршка на здравствениот систем, граѓаните и економијата.
– Со усвоениот ребаланс на Буџетот за 2020 година македонските граѓани се уверија дека имаат држава која се грижи за нив. Тоа е врвниот приоритет на Владата и во таа насока се пренасочени финансиски средства во справувањето со здравствената криза, за да се обезбедат на време вакцини, лекови и за зајакнување на здравствените капацитети, напиша Заев на Фејсбук. Додава дека поддршката за граѓаните и стопанството продолжува и дека никој нема да биде изоставен.
– Дури 470 милиони евра се издвоени за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки за економско заздравување и одржливост на домашната економија и за зачувување на работните места, со што ќе го овозможиме континуитетот на позитивните трендови на македонската економија, по завршување на кризата. Нашето внимание е целосно насочено кон поддршка на здравствените работници, кон студентите и учениците, кон невработените лица, социјално ранливите категории, како што се пензионерите и граѓаните од други категории. Со ребалансот на Буџетот и со четвртиот пакет мерки овозможуваме директна помош за економската и социјалната сигурност на нашите сограѓани, како и поттик на приватната потрошувачка како стимулатор на општествениот раст, вели Заев во статусот на Фејсбук.
Напоменува дека не се запоставени ниту приоритетите за реализација на капиталните проекти кои се од интерес за граѓаните.