Во регионот на Македонска Каменица досега се вложени околу 23 милиони евра за подобрување на патната инфраструктура, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешниот увид на градежните активности за обнова на регионалниот пат Македонска Каменица – село Саса.
Бочварски информираше дека се врши целосна реконструкција на патот со инвестиција од 2,3 милиони евра на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) преку ЕБОР.
– Направив увид во целосната реконструкција на овој пат, кој е доста значаен, бидејки поврзува две села со М.Каменица, но и рудникот Саса, кој е еден од гигантите во Источниот регион, вработува голем број граѓани, а исто тоа и голем број транспортни возила постојано поминуваат заедно со вработените. Должината на патот е 10 километри и инвестиција од 2,3 милиони евра. Инвестиција која е многу значајна, на делница која со години не била санирана и реконструирана, а денес се врши темелно реконструирање на целиот овој пат, со максимална реконструкција, вадење на тампонскиот слој и поставување нов слој тампон и два слоја асфалт од 15 сантиметри, ширината е 5,5 метри, рече Бочварски.
Досега, дополни, се асфалтирани два километри и работите продолжуваат и понатаму. Динамиката на реалзиација е добра и се очекува патот да биде завршен наредната година пред утврдениот рок.
– Нашите приротитрети ќе останат модерна и поквалитетна инфраструктура и да ги намалиме жртвите, со тоа што ќе ја зголемиме безбедноста на патните правци. Ова особено важи за целиот Источен регион, кој од слепо црево, денеска е регион кој е со многу развиена квалитетна инфраструктура, по која можат да се движат граѓаните и се разбира бизнис секторот кој егзистира овде. Се сеќавате како беше пред неколку години, карпи стоеја со години неотстранети. Денес имаме нов пат од Кочани до М.Каменица, но и се гради и новиот експресен пат, чија изградба на првата делница заврши, втората делница е изградена некаде 23 проценти и е во вредност од 18 милиони евра. Значи инвестиции кои значат подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, поквалитетна инфраструктура, посилен бизнис и подобри работни места, изјави Бочварски.
Со реконструкција на регионалниот пат М.Каменица – Саса, како што додаде градоначалничката Соња Стаменкова, се реализира и предизборното ветување, кое претходно беше дадено пред граѓаните. -Покрај ветувањето, со целосно завршување на овој значаен патен правец ќе се зголеми безбедноста, посебно за жителите од селата Саса и Моштица кои гравитираат кон овој пат, но и големиот економски гигант со вработените во рудникот Саса, рече Стаменкова.
Жители на село Саса, како што самите изјавија, долги години ја очекувале реконструкцијата.