Хрватскиот премиерот Андреј Пленковиќ денеска поднесе извештај до Парламентот за годишната работа на Владата при што порача дека пред Хрватска се тешки месеци полни со предизвици и ги повика сите на одговорност, пожртвуваност и солидарност.
– Ова е време на одговорност на секој од нас, бидејќи неодговорноста би била фатална, ова е време на пожртвуваност на секој од нас, затоа што со чување едни со други придонесуваме за заеднички успех, ова е време на солидарност на целата нација, бидејќи наместо штетни поделби ни треба единство, рече Пленковиќ.
Основна задача на Владата во следната година и подолго, според хрватскиот премиер, ќе биде да работи на намалување на несигурноста и зајакнување на безбедноста – здравствената, социјалната и економската.
Тој рече дека ова првенствено се однесува на зајакнување на здравствениот систем, зачувување на работните места, намалување на нееднаквоста, поголема социјална правда и рамномерен развој на цела Хрватска.
Како приоритети на долгорочната работа на Владата, Пленковиќ го истакна поттикнувањето на демографската ревитализација на Хрватска, намалувањето на иселувањето со економска и даночна политика, рамномерен регионален развој и еднакви можности за сите граѓани, модернизација на железницата, патиштата, болниците, училиштата и градинките.
Тој исто така најави зголемени инвестиции во земјоделството, како и зајакнување на хрватското село, намалување на енергетската зависност од увоз, обезбедување подостапна, почиста и поевтина енергија со зачувување на природните ресурси.
Тој најави и подобрувања во образовниот систем и зајакнување и унапредување на дигитализацијата во таа и во другите области.
Пленковиќ рече дека Владата ќе ги зајакне државните институции, пред сè ефикасноста на државната и јавната администрација и судството.
Хрватскиот премиер најави промовирање на потолерантна атмосфера во општеството во кое се почитуваат различните мислења, но и сузбивање на говорот на омраза и лажните вести кои поттикнуваат дискриминација, нетолеранција, радикализација и насилство.
Пленковиќ најави заложба за проширување на Европската унија кон земјите од Југоисточна Европа, кои, како што рече, ќе ги исполни сите потребни услови и критериуми.