Поранешниот министер за информатичко општество, Дамјан Манчевски се трга од политиката. На својот фејсбук профил ја информираше јавноста за новата работна позиција која е во приватниот сектор. Манчевски е назначен за генерален менаџер на MAK-SYSTEM, приватна компанија која е водечки светски провајдер на медицински софтвер за менаџмент на крв, плазма, ткива и клетки.
,,Би сакал да Ве информирам дека сум назначен за генерален менаџер на двете компании на MAK-SYSTEM (www.mak-system.com) во Скопје и Белград.
Формирана во 1984 година, денес со седиште во Лондон, MAK-SYSTEM е водечки светски провајдер на медицински софтвер за менаџмент на крв, плазма, ткива и клетки.
MAK-SYSTEM е пионер во оваа област, кој произведува врвен софтвер за контрола на ланецот за менаџмент на крвни продукти, од донација до трансфузија. Компаниите на MAK-SYSTEM се лоцирани во Лондон, Париз, Мадрид, Брисел, Чикаго, Франкфурт, Скопје и Белград.
На 20 февруари 2020 година, Carlyle Group (www.carlyle.com) значително инвестираше во MAK-SYSTEM и ја превзема контролата на компанијата. Carlyle Group е една од најголемите и најраспространети инвестициски компании во светот.
Ми претставува чест што сум дел од менаџментот на MAK-SYSTEM. Нашите производи, развиени од нашата македонска компанија во изминатите три децении, станаа светски стандард и водечка солуција и можат да се најдат во банките за крв и болниците насекаде низ светот.
За разлика од другите ИТ/софтверски компании, нашите тимови во Скопје и Белград придонесуваат во целиот процес на развој, продажба и одржување и директно ги надгледуваат бенефитите кои нашите производи ги нудат на здравствената заедница, со која се во директна комуникација. Имајќи ја во предвид големата побарувачка за нашите производи, нашиот тим треба да расте. Затоа, бараме искусни, но исто така и помлади програмери да се присклучат на нашиот тим. Ги бараме најдобрите со цел да продолжиме да ги унапредуваме нашите производи, кои се најдобри во светот во една многу специфична област. Сакаме и понатаму да ја прошириме нашата екстремно ретка приказна за изворно балкански технички производ кој станал светски стандард.
Со оваа нова ера во MAK-SYSTEM, ќе ја однесеме компанијата до нови повисоки нивоа. Се со цел да ја олесниме работата и животот на пациентите и медицинските работници, во линија со новите технологии на иднината.” – напиша Манчевски.