Со свирчиња и со транспаренти, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го означија денеска почетокот на собраниската расправа за избор на судијката од Кривичниот суд во Скопје Добрила Кацарска за член на Уставниот суд.
„Кацарска значи неправда“, „Стоп за трас-трас уставен судија“, „Кацарска извршител на мафијата“… пишува на дел од транспарентните со кои опозициските пратеници парадираат низ собраниската сала или, пак, мафтаат од своите места.
И додека пратеничката на СДСМ Снежана Калевска Ванчева, во неколку наврати, им реплицираше на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за обвинувањата што ги изнесуваа за Кацарска, опозиционерите свиркаа во позадина.
Свирче доби и претседателот на парламентот Талат Џафери кој се пошегува дека е дискриминиран зашто не може да свирка, иако Собранието неодамна го донесе Законот за заштита од дискриминација.
Откако Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ му даде свирче, Џафери свирна преку заштитната маска и забележа дека и тоа е демократија.
Расправата за изборот на Кацарска почна по паузата што ја побара координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, за, како што рече, опозицијата да ја разгледа подобро биографијата на кандидатката за уставна судијка.