Фудбалерите на Барселона славеа триумф над Динамо Киев од 2-1 (1-0), во дуелот од третото коло на фудбалската Лига на шампиони. Средбата на „Камп Ноу“ им припадна на домаќините во сите сегменти, ама не смее да им се одзеде одиграното на гостите од Украина кои се покажаа како „тврд орев“.
Добра вест за фановите на Барселона е враќањето на голманот Марк Андре Тер Штеген по повредата, првпат по високиот пораз од Баерн летово (2-8). Тер Штеген се врати на голот на Барселона по пауза од три месеци, но тоа што го прикажа вечерва на „Камп Ноу“ изгледаше како Германецот да не отсуствувал ниту еден ден од фудбалските терен.
Резултатот беше отворен по само пет минути игра, бидејќи Каталонците добија пенал по стартот на Попов, а сигурен реализатор на најстрогата казна беше Лионел Меси (1-0). Откако падна гол, Барселона веднаш заигра полесно и тргна да напаѓа, па до полувремето се редеа шанси од Педри, Гризман, Меси пред голот на Динамо. Единствена посериозна можност за гостите во првиот дел беше ударот со глава на Бујалски, кој изнуди интервенција од Тер Штеген.
Второто полувреме одново го отвори Лионел Меси. Овојпат Аргентинецот се обиде од слободен удар, го префрли живиот ѕид, ама беше спречен од голманот Нешчерет. Течеше 65. минута кога Барселона ја удвои предноста, а стрелец беше Жерар Пике. Стоперот со глава го погоди долниот десен агол по нафрлување на Ансу Фати за 2-0. Десет минути подоцна, надежта за Динамо Киев ја врати Виктор Циганков. Крилниот фудбалер ја смести во мрежата одбиената топка која Тер Штеген не успеа да ја расчисти најдобро, ама тоа беше сè што гостите успеаа да постигнат на овој меч.
Во истата група вториот фаворит Јувентус лесно се справи со Ференцварош и со триумф од 1-4 (0-1) си заминува од „Пушкаш Арена“ во Будимпешта. Иако на овој натпревар во првиот дел падна само еден гол, ефектното продолжение заврши со уште четири за одличен меч во целина.
Алваро Мората беше човекот кој стрелаше за Јувентус во седмата минута, кога на асистенција од Квадрадо од десно немаше многу тешка задача. Истиот фудбалер зголеми и на 0-2, ама во второто полувреме, поточно по еден час игра, овојпат по проигрување од Роналдо. Натпреварот го реши Пауло Дибала во 73. минута, кога веќе беше јасно дека Ференцварош нема да се врати од три гола негатива. До крајот Дибала изнуди и автогол од Лаша Двали, а во последната минута од регуларниот дел Боли постигна почесен гол за Унгарците (1-4).